Нема родител кој не би направил сѐ за своето дете. Без разлика колку е интелектуално развиен и финансиски поткован тој секогаш ќе го вложи својот максимум за да го заштити и усреќи своето најмило. Но, што кога сиот труд и грижа остануваат незабележани? Што кога на максималната посветеност се возвраќа со непочитување и неблагодарност? На лесен и едноставен начин научете го вашето дете да го цени она што секојдневно и безрезервно го правите за него.
Уште кога првпат ќе ве погледне со очињата веќе знаете дека вашиот живот се менува. Одеднаш сфаќате дека целата среќа и сите богатства кои постојат се собрани и донесени пред вас во облик на едно мало, нежно суштество. Од тој ден станувате свесни за вистинската вредност на животот и јасно знаете за кого и за што ќе се борите до последен здив, до последното отчукување на срцето.
Од основната здравствена грижа до многуте непреспиени ноќи поминати бдеејќи над болното чедо, од основното воспитување до градење зрела личност, од мало беспомошно бебебенце до возрасна жена или маж… Родителските обврски и грижа не завршуваат никогаш.
Дали децата се свесни за пожртвуваноста на родителите, дали знаат да ги ценат и да возвратат на грижата и љубовта кои несебично и секојдневно ги добиваат? За жал, и покрај кристалната невиност која им извира од очите децата знаат да бидат сурови. За да биде уште поголема трагедијата суровоста најчесто ја изразуваат кон оние кои животот би го дале за нив. На што се должи ваквото однесување и како детето да се воспита во личност која точно знае колку многу родителите вложиле во него?
Современиот начин на живеење во кој многу од вредностите го изгубија своето значење во голема мера придонесуваат за суровото и арогантно однесување на децата кон родителите. Имено, родителската љубов до ден денес не изгубила на квантитет и квалитет, но начинот на кој децата ја перципираат околината и функционираат во неа придонесува да не ги препознаат вистинските вредности и чисти намери кои им ги наметнуваат родителите. Соочувајќи се со една ваква конфузна ситуација тие својот револт го изразуваат кон оние кои им се во најблиското и секојдневно опкружување – мама и тато.
Докажано е дека постојаното и упорно советување како детето да се однесува, да размислува и да дејствува во најголем број случаи не вродува со плод. На возраст кога детето формира став и свое гледиште на светот наметнувањето туѓо мисење (колку и да е тоа добронамерно и правилно) може да предизвика отпор кон околината. Всушност, тука родителите ја прават најголемата грешка. Со постојаното потенцирање колку тие направиле за него, што се требало да надминат во животот, колку маки виделе и како после сѐ тоа заслужуваат барем мала почит и благодарност само си го ускратуваат реално заслужениот третманод своето дете.
Што да се направи? За да ја добиете заслужената почит од вашето дете не го ставајте него во главна улога. Имено, никогаш дирекно не нагласувајте што сте направиле и како тоа треба да се однесува. Најдете пример во вашата околина кој постапува како вас (речиси секоја мајка на ист начин го третира своето дете) – нека биде тоа мајката на неговото најдобро другарче и не пропуштајте прилика да кажете колку добра мајка е таа, што направила за нејзиното дете (поткрепувајте со примери кои се блиски и за вас) и колку тоа детенце треба да биде среќно што има таква мајка (обидете се да не бидете нападни и приметливи).
По извесен период (зависно од возраста и зрелоста на детето) тоа ќе сфати дека нема ништо помалку од неговото другарче. Што е разликата во поставувањето на овој начин и дирекното укажување на детето? Децата се љубопитни суштества, сакаат да истражуваат и да откриваат нови работи. Сознанието кое ќе го стекне врз основа на негова анализа и заклучок има многу поголема тежина од она што некој ќе му го наметне како мислење.
Овозможете му на вашето дете да сфати какво богатство има покрај себе без притоа да се чувствува должно кон вас. Иако родителската љубов е безусловна и не бара ништо за возврат, возвратената љубов и почит од сопственото дете е она што му дава смисла на животот и што го одржува родителот во вечната борба да истрае.