ЛСД (Диетиламид на лизергичната киселина) – фантастичниот свет на дланка

0

ЛСД во организмот може да биде внесен преку цицање или лижење на картончиња натопени со супстанцата, што и ден денес е еден од најпопуларните начини на негова употреба.

Една од најпопуларните, најкористени психоделични супстанции, која навлегува во животните навики на се поголем број луѓе, е токму халуциногенот наречен ЛСД (LSD – Lysergic Acid Diethylamide). Тоа е супстанца за која долги години се вршеле дополнителни истражувања, за кои биле донесувани различни одлуки врз основа на резултатот што бил постигнат од истите.

ЛСД – историјат и испитувања

Во 1938 година швајцарскиот хемичар Алберт Хофман го синтетизирал ЛСД од супстанцата Secale Cornutum/Ergot, чиј што дериват всушност претставува супстанцата ЛСД. Secale cornutum/Ergot се наоѓа во голем број фармацевтски лекови. Се смета за габичка која може да се најде на различни видови растенија. Расте на ‘рж, јачмен, пченица и одредени видови треви. Во големи дози супстанцата е токсична за луѓето и животните, а самата состојба на труење се нарекува ерготизам.

Набргу по откривањето на ЛСД се превземени низа мерки за испитување на предностите и несаканите ефекти, кои на дотогаш познатата наука навидум ги решија дилемите на разни психијатриски болести. Според тоа ЛСД како супстанца беше воведена во терапијата како психотерапевтик, даван исклучително под лекарски надзор. Треба да се напомене дека ЛСД бил испитуван и како потенцијален психохемиски боен отров, тестиран на илјадници војници, па и цивили кои ниту слушнале, ниту знале дека таква супстанца постои. Важен е фактот дека ЛСД бил даван и како терапевтик во лекување на алкохолизмот, депресијата па дури и кластер главоболките кои се исклучително тешка состојба. Во добар процент оваа супстанца покажала одлично поднесување и решавање на проблемите. Може да се каже дека таа довела и до такво позитивно искуство кое народот го немал доживеано претходно, искуство кое придонело за развивање на креативноста, постигнување духовен мир, како и психички правилно расудување на одредени нешта. Но, сепак тоа било забележано само кај одредени луѓе.

Постојаното консумирање на оваа супстанца почнало да ги претставува нејзините негативни ефекти од типот на комплетна дезориентација, растројување на личноста и ред други ефекти кои ќе бидат спомнати во соодветниот дел од овој текст. Поради тоа во 1971 година Меѓународната конвенција за психотропни супстанции го прогласила нејзиното консумирање за илегално!

Како што секој закон доведува до подобри нешта, така доведува и до појава на незадоволство, бунтовништво итн. Луѓето овој халуциноген почнале да го искористуваат како средство за уживање – дрога, средство кое на црниот пазар со незамислива брзина се ширело низ популацијата насекаде во светот.

Консумација на ЛСД

ЛСД по консумација добро се ресорбира, метаболизира и дистрибуира во црниот дроб, а се излачува главно преку изметот.

Тој во организмот може да биде внесен преку цицање или лижење на картончиња натопени со супстанцата, што и ден денес е еден од најпопуларните начини на негова употреба. Други начини на негово внесување се по пат на: голтање на супстанцата, која е во вид на таблета, капсула, прашок или течност и внес на истата интравенски преку инекција.

Неговото дозирање се изразува во микрограми. Неговото дејство може да се постигне и со земање на 25 микрограми, иако дозирањето е во опсег од 50 до 100 микрограми. Несакани ефекти може да се појават доколку биде земен во доза од 0,1 до 0,5 микрограми/килограм телесна тежина, а во дози од 1,5 до 2,0 микрограми/килограм телесна тежина може да предизвика шизофрени знаци, трнење, обилно потење или сувост на устата. Дејството обично почнува по 30 до 60 минути, а може да трае од 6 до 12 часа. Дали ќе се доживее позитивно или негативно искуство е индивидуално и зависи од психичката состојба на уживателот, околината во која се наоѓа, како и расположението кое преовладува во тој момент. Индивидуално е доживувањето на т.н. „патување“ – trip.

Дејство на ЛСД врз организмот

ЛСД претставува антагонист на серотонинот, односно го спречува синтетизирањето и ослободувањето на серотонин. И двете супстанции молекуларно имаат слична структура.

На почетокот од употребата се јавува зголемена раздразливост, неконтролирано однесување, треперење на рацете, слабост, засилени рефлекси, гадење и срцебиење. Поради тоа се покачува крвниот притисок, а зениците значително се проширени (феномен на мидријаза).

Кога мозокот е во фаза на халуцинација, инхибирањето на серотонинот во мозочната кора и длабоките мозочни структури доведува до таква состојба при која уживателот гледа слики што всушност не постојат (визуелни халуцинации). Тогаш перцепцијата и имагинацијата се доведуваат на исто рамниште, а звуците покрај тоа што се слушаат доста изострено (акустични халуцинации), може и да се видат, а сликите да се слушнат. Настанува тотална инверзија на дотогаш познатото мозочно функционирање, кое луѓето го распознаваат кога не се под дејство на ЛСД.

Преплетот на фантастични претстави со т.н. нови портални димензии за кои уживателот прв пат дознава, предизвикува истиот да доживее максимална еуфорија, радост, среќа, насмевка, доколку се работи за убаво искуство, но предизвикува и длабока депресија, страв, параноја, особено доколку тој е во непозната околина или не е со тие луѓе што ги познава. Уживателот може да помисли дека дијалогот што се води помеѓу било кого е токму насочен против него, дека тој е центар на вниманието, па несигурноста и стравот се зголемуваат се повеќе. Желбата да заврши таа претстава во тие моменти е се поголема, но таа напротив уште толку го тероризира неговиот мозок, па може во одредени случаи да доведе и до убиство или пак самоубиство. ЛСД доведува и до изразено бавно пренесување на информациите низ мозокот, кое според некои научници изнесува 200 бити во секунда, наспроти нормалните 11 милиони бити во секунда кога мозокот не е под дејство на ЛСД.

Несаканите ефекти што се јавуваат по месеци, па и години од консумирањето, може да се: појава на психоза, ментална ретардација, параноидни илузии, како и флешбек халуцинации.

Според Хофман, творецот на ЛСД, консумирањето на оваа супстанца доведува до таква супериорна состојба во која народот треба да биде претставен. Народот ја има таа способност, но не ја искористува. Зошто? Засега претставува само дилема. Се верува дека со откривањето на ЛСД може да се осознаат нови начини на размислување, преку поврзување на новите и старите искуства на мозокот. Дали тоа на некого му пречи или пак се плаши другите „неписмени“ луѓе да го дознаат се уште претставува загатка.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Александар Милосављевиќ е роден на 09.10.1989 во Скопје. 1996-2004 ОУ “Љубен Лапе” – Скопје. 2004-2008 ДСУ “Марија Кири Склодовска” – Скопје. 2008-2014 Медицински Факултет – Скопје. 2011 Волонтер во Хируршката Клиника “Св.Наум Охридски” во Скопје на одделот за Урологија. 2012 Волонтер на КАРИЛ во клинички центар “Мајка Тереза” – Скопје. 2014 Волонтер на Институтот по Клиничка Фармакологија и Токсикологија во Скопје. 2013-2014 Стажирање во клинички центар “Мајка Тереза” и Хируршката клиника “Св.Наум Охридски” – Скопје. 2009 Учество на симпозиумот “Новости во Педијатрија” во Скопје. 2012 Учество на 36-от Интернационален медицински научен конгрес на студенти по медицина и млади лекари во Охрид. 2011-12 Добива државна стипендија. 2012-14 Добива приватна стипендија од фондацијата “Трајче Мукаетов” – Алкалоид. ЈАЗИЦИ Српско-хрватски, англиски и моментално изучување на германски. СТРУЧНИ ИНТЕРЕСИ Кардиологија, Неврологија, Неврохирургија, Психијатрија и Клиничка Фармакологија. Александар за Доктори: Мило ми е што ја имам честа да бидам дел од Доктори.мк, еден прекрасен портал кој овозможува да се едуцираме, доучуваме и осознаваме различни видови информации од областа на медицината, стоматологијата, фармакологијата и психологијата. Порталот го има тој потенцијал да ја подигне свеста кај народот за осознавање и спречување на разни видови болести, а со тоа да има подобрување на здравјето и унапредување на животот. Се надевам дека и моите статии ќе придонесат во остварувањето на тој потенцијал.