Симптомите на љубовта ги знаеме сите: срцебиење, топлина, неможност за разумно размислување, неконтролирано однесување, пеперутки во стомакот. . . Но, дали знаевте дека заљубувањето има три фази, и дека постои разлика помеѓу љубовта и заљубеноста?
Кога ќе се заљубиме стануваме индиферентни за целиот свет околу нас, освен за една единствена, најдобра, најубава, посебна личност? Тоа се само симптоми, но што се случува во нашето тело? Се случуваат хемиски промени кои ни потврдуваат дека не совладала љубовта. Според бројни истражувања е докажано дека заљубувањето има три фази и дека постои разлика помеѓу љубовта и заљубеноста.
Прва фаза: Копнеж, посакување
Во оваа фаза со нашето тело управуваат сексуалните хормони: тестостерон и естроген. Иако тестостеронот е познат како машки хормон, тој се создава и во женското тело и е главниот виновник за сексуалната желба и кај мажот и кај жената. Овие хормони ја создаваат желбата кај нас да го најдеме сексуалниот партнер, но се уште сме далеку од нежноста и љубовта.
Втора фаза: Заљубеност
Во оваа фаза се “раѓа” љубовта. Кога сме заљубени, не можеме да размислуваме на ништо друго освен на за нас посебната личност. Забораваме дури и на нашите основни биолошки потреби, губиме апетит, немирно спиеме. Во оваа фаза значајна улога имаат невротрансмитерите:
- допамин: наречен хормон на еуфорија. Некои нови истражувања покажуваат поврзаност помеѓу нивото на допамин во организмот и склоноста кон заљубување, односно луѓето кои имаат повисоко ниво на допамин во организмот почесто се заљубуваат.
- норадреналин: хормон на стресот,предизвикува забрзана работа на срцето(тахикардија), потење
- серотонин: кога е во рамнотежа ни дава чувство на задоволство и ментална релаксација. Повисоко или пониско ниво на серотонин во организмот доведува до абнормални ментални состојби како депресија (при пад на нивото) или еуфорија (при покачено ниво на серотонин). Значи го најдовме причинителот на “лудото” однесување кај заљубените!
Оваа фаза е заљубеност, не е љубов. Наречена е уште манична фаза и не е трајна состојба кога можеме да сакаме, да сме среќни и да функционираме нормално, но сепак е прекрасно субјективно чувство.
Трета фаза – Поврзаност, љубов
Доколку нашата врска ги преброди сите искушенија на почетната заљубеност, преминува во следната фаза. Тоа е фаза на квалитетен и траен однос, трајна поврзаност. Тогаш можеме разумно да размислуваме, нормално да јадеме, спиеме, да се посветиме на нашата работа и обврски.
Љубовта е добра подлога за цврста и стабилна врска, за разлика од нестабилната заљубеност, сега можеме да размислуваме за креирање на нашата иднина со партнерот, создавање семејство. Кога веќе зборуваме за семејството и децата, важно е да спомнеме дека за љубовта и поврзаноста меѓу родителите и децата, кои што се нераскинливи, важна улога повторно има ендокриниот систем. Тогаш се лачат два хормона:
- окситоцин – хормон кој инаку влијае на излачување на млеко кај мајката. Тој ја создава силната поврзаност помеѓу детето и мајката, но креира и слична поврзаност помеѓу љубовните партнери. Интересно е што постои големо излачување на окситоцин за време на оргазам. Од сево ова можеме да заклучиме – што почесто партнерите водат љубов, поинтензивно е чувството на љубов, поголема е поврзаноста и потребата да се грижат еден за друг.
- вазопресин – влијанието на овој хормон се уште се испитува, но по бројните експерименти се претпоставува дека зголемувањето на нивото на вазопресин кај мажот предизвикува желба за моногамија и создавање на трајна врска со една партнерка.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-