Заради преголем стрес може да се појават главоболки, анксиозоност, дигестивни промени, нарушување на општото здравје и др.
Во денешно време животот е многу динамичен и постојано сме под стрес. Сè се одвива толку брзо и секој се труди да го одржи чекорот со времето.
Стресот е дефиниран како психичка реакција на ситуации или проблеми кои имаат негативно влијае врз нашето тело и психички и физички. Заради преголем стрес може да се појават главоболки, анксиозоност, дигестивни промени, нарушување на општото здравје и др. Хроничниот стрес може да доведува до покачување на нивоата на стрес хормонот – кортизол, кој може да го ослабнe имуниот систем.
Но, стресот може да предизвика и промени во оралната празнина:
- Афтозни улцери и херпетични промени;
- Бруксизам;
- Слаба орална хигиена и лоши/штетни навики;
- Сува уста;
- Пародонтални промени.
Афтозни улцери и херпетични промени
Иако не се знае точно зошто се појавуваат во периоди на стрес, можат да бидат како резултат на пад на имуниот систем, вируси , бактерии , замор, алергии и др. Афтите се болни бели улцерозни промени со црвени рабови кои се појавуваат во внатрешната страна на устата и не се контагинозни. Тие обично исчезнуваат за 7-10 дена. За да се намали болката и иритацијата треба да се избегнуваат топли и зачинети јадења, кисело, а може да помогнат и антисептични и аналгетични препарати.
Херпетичните промени се предизвикани од Herpes Simplex вирусот и се контагинозни. Тие се плускавци исполнети со течност, кои најчесто се јавуваат околу усните, но можат да се јават и под носот и околу брадата. Може да се јавуваат заради емоционална вознемиреност, треска, ветер, подолго изложување на сонце и др. И тие како афтите исчезнуваат за една недела, а се третираат со антивирални медикаменти.
Бруксизам
Стискањето на забите се јавува преку ден, но најчесто навечер при спиење и тоа несвесно од страна на пациентот. При стрес оваа појава може да се влошува. После спиење пациентот може да почувствува главоболки, болки во вилицата, забите, пред ушите.
При бруксизам може да се јавуваат оштетувања на ТМЗ (темпоро-мандибуларниот зглоб) во вид на крцкање на зглобот и ограничено отворање на устата, мобилност на забите, фрактура на забите, пречувствителност на забите заради истрошеност на забните супстанци и во најекстремни случаи и намалена долна третина на лицето. Се препорачува носење на штитник при спиење и релаксирачки методи како медитирање.
Слаба орална хигиена и штетни навики
При стрес често се случува да ги изоставиме навиките за одржување на правилна орална хигиена при што доаѓа до појава на кариес и гингивит, но ако веќе тие се присутни, тогаш состојбата се влошува уште повеќе.
Често се случува кај луѓе кои се пушачи, консумираат алкохол или се љубители на благо, во периоди на стрес да ја зголемуваат количината на консумирање, што во комбинација со изоставена орална хигиена доведува до побрзо прогредирање на оралните заболувања. При периоди на стрес кај некои индивидуи се забележува зголемен, а кај некои намален апетит, што доведува до нерамнотежа во метаболизмот.
Сува уста
Позната како Xerostomia. Има улога во оралното здравје поради тоа што при сува уста се зголемува ризикот за населување на бактерии и за појава на кариозни лезии и затоа е важно оваа состојба да се контролира. При стресни ситуации често се случува да се појави сува уста (пример: при одржување говор пред непозната или поголема публика).
Пародонтални промени
Стресот може да го покачи нивото на создавање на дентален плак, што значи дека при изоставена орална хигиена многу брзо и лесно може да дојде до појава на гингивитис , минерализација на забни наслаги, прогредирање на пародонтопатијата (ако веќе е присутна).
Начини како да се контролира стресот / Превенција на орални промени при стрес
- Да се четка редовно усната празнина;
- Редовно да се посетува стоматолог;
- Да се јаде здрава храна;
- Да се спие доволно;
- Да се избегнуваат штетни навики (пушење, алкохолизам, поголемо внесување на шеќери);
- Вежбање;
- Да се наоѓа начин за релаксирање (шетање, медитирање);
- Во случаи кога треба да се работи подолго да се носи забна четка со себе.
-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-