Што е бруксизам?
Бруксизам е шкрипење или стискање на забите од горната и долната вилица, често несвесно, без волја на пациентот. Бруксизмот е парафункционална активност која се карактеризира со несакано стискање на забите како последица на снажни, ритмични контракции на мускулите за џвакање.
Бројни студии се извршени со цел да се утврдат причините за настанувањето, како и последиците кои произлегуваат од бруксизмот. Во студија која што е извршена од страна на Пауел и Зендер, на 1965 испитаници, покажано е дека ,,нормалните“ луѓе во текот на 8 часовен сон остваруваат околу 250 контакти на забите, додека луѓето кои страдаат од бруксизам остваруваат 1200-12000 контакти на забите од двете вилици во текот на ноќта.
Некои луѓе шкрипат со заби само во текот на спиење и оваа појава ја нарекуваме ноќен бруксизам. Други шкрипат со заби во текот на денот.
Доста често, во ситуации кои ги прават напнати или нервозни, луѓето кои боледуваат од сериозен облик на бруксизам, можат да ја оштетат забната пулпа или да предизвикаат друг вид на сериозно забно оштетување.
Сериозниот облик на бруксизам се смета за одговорен за некои случаеви на темпоромандибуларни дисфункции, мистериозни утрински главоболки и необјаснети фацијални болки.
Епидемиологија и етиологија:
- Бруксизмот ги зафаќа 6-8% од возрасните и 15-20% од децата;
- 80% од заболените несвесно го извршуваат бруксизмот.
Бруксизмот може да има неколку психолошки и физички предизвикувачи. Во многу случаи се доведува во врска со стресот. Така може да биде реакција на тескоба или неправилен загриз. Понекогаш бруксизмот може да се јави и како резултат на сериозно оштетување на мозокот или како симптом на извесни ретки неуромускуларни заболувања. Бруксизмот може да биде невообичаена пропратна појава на некои лекови од типот на антидепресиви.
Симптоми на бруксизмот:
-Ритмични контракции на виличните мускули;
-Шкрипење на забите кое може да го попречи сонот на оној кој што ја дели собата со заболената личност;
-Постојана утринска главоболка;
-Напнати и болни вилични мускули, особено наутро;
-Хронична лицева болка;
-Оштетени заби, оштетување на пулпата, повреда на гингивата;
-Преосетливост на забите;
-Болки во вратот и увото.
Дијагноза на бруксизам
Во анамнезата која ја зема, докторот – стоматолог прашува за моменталните проблеми на пациентот, за неговото дентално здравје и за лековите кои ги користи. Стоматологот се интересира дали редовно пациентот пие алкохолни пијалоци или кофеин, затоа што се претпоставува дека овие две хемикалии ја зголемуваат склоноста кон бруксизам.
Ако пациенот ја дели собата со некоја особа, тогаш стоматологот се интересира да направи разговор со таа личност со цел да добие информации околу навиката на спиење на пациентот, посебно за невообичаените звуци на шкрипење во текот на ноќта. Стоматологот прави комплетен преглед на пациентот, посебно посветувајќи внимание на целокупната состојба на усната празнина како и на забите како составен дел од неа.
Во текот на прегледот се прави преглед на осетливоста на виличните мускули, како и било која очигледна дентална неправилност, како на пример фрактуриран заб, заб кој што недостасува или тегоба (збиеност на забниот низ).
Доколку стоматолог се посомнева дека етиологијата на бруксизмот е во врска со дентални проблеми, тој може да изврши детална проценка на денталната состојба во устата на пациентот. Покрај прегледот на загризот кој што го применува пациентот, стоматологот врши целосен преглед на сите заби и на гингивата со цел да ја утврди штетата која што е предизвикана со бруксизмот, а прави и неколку рентгенски снимки.
Бруксизам кај деца
Ако проблемот со шкрипење или стискање на забите се јави кај некое дете, тогаш решение за проблемот треба најпрво да се побара кај семејниот стоматолог. На крајот, кај многу деца нивниот проблем прераснува во проблем на бруксизам. Па дури и краткотрајното шкрипење со забите може да нанесе големи штети на забите кај било кое дете. Повеќе од половина од децата кај кои проблемот со шкрипење на забите се јавил од 3-10 годишна возраст, истиот спонтано престанал до 13 годишна возраст.
Кај тинејџери и кај возрасни траењето на бруксизмот зависи од неговиот причинител. Бруксизмот може да трае долги години доколку е предизвикан од некоја стресна животна ситузација која не е решена. Ако причината за бруксизмот се дентални проблеми тогаш самиот бруксизам престанува во моментот кога забите ќе се исправат или ке се санираат.
Повеќето од пациентите несвесно понекогаш шкрипат или стискаат заби, но притоа клучот на дијагнозата не е присуството или отсуството на навиката, туку интензитетот или фрекфенцијата на бруксизмот, неговата деструктивност и клиничките симптоми.
Клинички знаци:
-Абразија на забите – тоа е најчестиот и најсигурниот знак преку кој се поставува дијагнозата за бруксизмот. Кај различни случаи различно е манифестирана, што зависи од фрекфенцијата и интензитетот на бруксизмот;
-Промена на физиономијата – намалување на долната третина на лицето како и пропратно назначување на sulcus nasolabialis и sulcus mentolabialis;
-Хипертрофија на мастикаторните мускули;
-Иритација на букалната слузница.
абразија на забите:
Последици од бруксизмот:
Пореметувања во Темпоро-мандибуларниот зглоб (ТМЗ);
Фрактури на забите;
Ресорпција на коските;
Рецесија на гингивата;
Расклатување на забите;
Пародонтални џебови;
Пулпити и некроза на пулпата;
рецесија на гингивата – последица на прекумерно оптеретување на забниот потпорен апарат:
Терапија
Во терапијата на бруксизмот треба да се применат повеќе мерки со цел ефективно и трајно отстранување на централниот проблем, како и проблемите кои го пропратуваат. За таа цел се применуваат повеќе мерки на терапија со цел ефективно да се делува на повеќето фактори кои можат да бидат дел од етиологијата на бруксизмот. Се применуваат мерки на контрола на стресот, техника на опуштање и психотерапија. Исто така се применуваат и медикаменти (анксиолитици и миорелаксанти).
Важно средство и помагало кое наоѓа широка примена во терапијата на бруксизмот е стабилизационата подлога, која претставува симптоматско тераписко средство кое што е изработено од акрилат. Нејзиното влијание се состои во редистрибуција на силите, растеретување на ТМЗ, стабилизација на истиот во централна релација, реконструкција на водењето на канинот, заштита на забите од трошење, мускулна релаксација и спречување на расклатувањето на забите.
стабилизациона подлога:
Доколку причината за појава на бруксизмот е од дентална етиологија, тогаш се применува некоја од познатите реконтруктивни терапии. Во сериозни случаеви се применуваат и коронки и инлеи со цел да се спречи понатамошното трошење на забната супстанција. При повреда на мозок или при некое неуромускулно заболување, бруксизмот може да е доста тежок за лечење, па за таа цел во денешно време, во високо развиените земји, се препорачува примена на инјекција со токсин од ботулизам ако основната терапија не даде некои задоволителни ефекти.
конзервативна терапија со дентални мостови и коронки после бруксизам:
Заклучок
Бруксизмот е парафункционална активност на шкрипење и стискање на забите, со последична абразија. Тешко се дијагностицира поради честото ноќно појавување на болеста. Клиничката реперкусија во текот на подолг временски период е пропратена со оштетување на забите и се манифестира со оштетување на потпорните структури на забите и на ТМЗ.
Причините за настанувањето на бруксизмот се уште не се во потполност разјаснети, а во терапијата најдобри резултати дава стабилизационата подлога. Во целата оваа ситуација главната улога ја има стоматологот, неговата едуцираност, брзото и навременото дијагностицирање и примената на правилна терапија.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-