Орални манифестации на системски заболувања кај деца

0

Многу често бројните системски заболувања даваат јасна слика во усната празнина. Самиот орален медиум не е самостен, туку е нераскинлив дел од човечкиот организам, па така многу често е афектиран од бројните заболувања на било кој од системите. Најчесто промените се евидентни на меките делови, односно на оралната лигавица, било да е на образната лигавица, мекото и тврдото непце, јазикот или гингивата.

Кај децата најчесто орално можат да се манифестираат неколку системски заболувања.

1. Нутритивни пореметувања

Исхраната има важна улога за правилен развиток и одржување на интегритетот на оралните структури, особено во првите години од животот на децата, кога е најинтензивен растот и развојот на организмот. Па следствено на тоа, недостатокот на било кој од витамините (А, Б, Ц, Д) неопходни за непречен раст и развој може да даде клинички знаци и во усната празнина.

Па така, недостатокот на витаминот А може да доведе до хиперкератоза на гингивалниот епител, промена во излачувањето на плунката и променет вкус.

Недоволна количина на Б6 витаминот може да предизвика глоситис, хеилитис или пак стоматитис.

Скорбутот кој дава оток, хиперемија и хеморагија на маргиналната гингива се јавува при недостаток на витамин Ц.

Недостатокот на витамин Д доведува до неправилна калцификација на коскените и тврдите забни ткива.

Се разбира, тука не смеат да се изостават ни минералите како калциумот, фосфорот и железото, кои се особено важни за коскениот и мускулниот систем, како и метаболизмот на јагленохидратите и мастите. Намалениот, односно недоволниот внес на било кој од овие елементи, ќе се манифестира во оралниот кавитет, и на тврдите и на меките забни ткива.

2. Алергиски реакции

Во човечкиот организам алергиските реакции се манифестираат на 2 начини: како моментална реакција или анафилактичен шок и задоцнета, односно одложена реакција. При било кој од овие 2 вида алергиски реакции, во усната празнина може да се забележат од неспецифични до сигнификантни промени. Најчесто се појавува оток и црвенило на маргиналната гингива, зголемена осетливост на истата, како и изразена хиперсаливација. Често се појавува жарење и непријатно пецкање на јазикот, со целосно или делумно изменет осет за вкус.

Пример, кај бронхијалната астма се забележува стаза и преполнетост на венските крвни садови на тврдото непце и алвеоларниот продолжеток.

3. Габични инфекции

Најчестата микоза во детска возраст е монолијазата или уште попозната како соор. Предизвикувач е Кандида албиканс, која е составен дел од нормалната микрофлора. Нејзиниот негативен ефект се манифестира после подолга употреба на антибиотици, хормонални нарушувања, после цитостатска терапија и сл. Во оралниот кавум се манифестира како заболување со следната симптоматологија: сува уста, хиперемична слузокожа, бели налепи и хиперемичен јазик. Обично оралната манифестација е проследена со атака и на другите слузници во организмот.

4. Вирусни инфекции

Кога зборуваме за вирусните инфекции можеме да кажеме дека оралниот медиум речиси секогаш е атакуван и многу малку резистентен на било кое вирусно заболување во нашиот организам. Токму затоа се познати неколку типови на орални заболувања предизвикани од различни вируси и тоа:

  • а) Стоматитис херпетика – Херпес симплекс е вирусот кој го предизвикува ова заболување, кое е пропратено со лоша општа состојба на организмот, покачена температура, главоболка и бледило. При ваква состојба докторот стоматолог секогаш забележува: бел и обложен јазик, суви усни со рагади, зголемена саливација и изразит фетор.
  • б) Херпес зостер – Вирусот Варичела зостер е оној кој го предизвикува ова заболување. Заболувањето најчесто се јавува по должина на тригеминалниот нерв. Клиничката слика ни покажува висока температура, главоболка, еритеми по кожата, жарење, печење, јака болка и еродирани површини околу усните. Овој вирус е исто така одговорен и за едно друго исклучително инфективно заболување – Варичела, карактеристична за детската возраст. Од општата симптоматологија застапена е главоболка, субфебрилност и малаксалост, додека пак орално се забележува енантем на мекото непце, фаринксот и букалната слузокожа, како и изразени ерозии на слузницата.
  • ц) Рубеола – Вирусот на Рубеола дава богата клиничка слика со манифестација на целиот организам, како: благ ринофарингитис, конјуктивитис, фотофобија, морбилиформен или скарлатиноформен осип, а во оралниот медиум и петехијални крварења на мекото непце, како и изразито едематозна и воспалена гингива.
  • д) Морбили – Уште едно заболување кое е познато во детската возраст. Морбилите даваат силно изразен инфективен синдром, со макулопапулозен осип по целото тело. На лицето се забележува таканаречената „плачна маска“, карактеристична за ова заболување. На букалната слузокожа се забележуваат Копликови дамки, патогномоничен знак за ова заболување, како и петехии на мекото непце и обложен јазик.

Заклучок

Од сето погоре наведено, повторно можеме да потврдиме дека ниеден систем во човечкиот организам не може да функционира како единка, туку постои огромна поврзаност на целото тело. Па така, многу често докторот стоматолог може да биде првиот кој би забележал дека се случува некаква промена во нашиот организам. Наша обврска е да ја препознаеме промената во усната празнина и диференцијално дијагностички да знаеме за што може да се работи, за да можеме да го испратиме пациентот кај соодветен специјалист.

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

д-р Елена Радеска е родена на 02.04.1986год. во Демир Хисар. Средно образование завршила во гимназијата Јосип Броз Тито во Битола. Веднаш по средното образование се запишала на Стоматолошки факултет во Скопје, отсек општа стоматологија. Дипломирала во 2009 година. По дипломирањето до денес работи во специјалистичката ординација по ортодонција “Д-р Радевски” во Демир Хисар како општ стоматолог. Професионален интерес: Општа стоматологија,стручен соработник во компании кои се занимаваат со истражувачко-производствена дејност од областа на медицината и стоматологијата,интерес и познавање на ортодонцијата и детската стоматологија. Социјално организациски способности: Организација на состаноци, Искуство со работа со рокови и следње на точно определена процедура, развиени способности за работа во тим здобиени со предходните работни искуства и посета на семинари од област на комуникација и меѓучовечки односи. Говори англиски, италијански и јужнословенската група на јазици. Во слободно време се занимава со проза и поезија, уметност, филм и спорт. Доктори.мк е место каде сите познавачи на медицината, стоматологијата и фармацијата можат да ги изнесат своите знаења, ставови, а воедно и да научат нови и суштински моменти од овие области. Особено ми се допаѓа што оваа страница нуди подеднакви можности на сите оние кои сакаат да ја изразат својата спремност и искуство. Драго ми е што учествувам во стручниот тим на Доктори.мк.