Препонска кила – ингвинална хернија

0

Кила, хернија или народски кажано брух претставува испаѓање на стомачната обвивка која поминува преку отвор на стомачниот ѕид. Таквото испаѓање претставува килна ќеса во чија содржина влегуваат стомачните органи (црева најчесто). Инциденцата е поголема кај мажи и претставува најчест (80-90%) тип на хернија на абдоминалниот ѕид. Се јавува на одредени “слаби” точки на мускулното ткиво и на места каде поминуваат крвни садови и нерви кои одат кон и од стомачниот ѕид.

 

Кај мажите килната ќеса поминува низ препонскиот (ингвинален) канал, покрај семениот канал кој оди се до скротумот. Килната содржина понекогаш може да се спушти и во самиот скротум и достигне значајна големина. Се јавува обично при подигање на тешки предмети, но може да настане и при кашлање, ексцесивно кивање или општа слабост на организмот.

Кај жените килната кеса со својата содржина се спушта преку ингвиналниот канал покрај округлите лигаменти на матката до срамната коска и се позиционира во големите срамни усни. Оваа кила се нарекува уште и Hernia labialis.

Појава на тешкотии

Тешкотиите се манифестираат при движење, работа, физичко оптеретување и кашлање. Болката е доминантен симптом и е најизразена кај кила која е во почетна фаза на создавање, додека кај веќе оформено килнa ќеса болката обично не е присутна. Понекогаш болката се пренесува и на самиот скротум. Често се јавува и слабост или напнатост во препоните, најизразени при движење или извршување на некои работни обврски. Ако килата е голема може да се појават и тешкотии при мокрење.

Дијагноза

Се поставува врз основа на извршен анамнестички, клинички и објективен преглед. На инспекција се гледа странично испакнување во препонската регија кое при легнување се намалува или може мануелно да се репонира, а при кашлање станува поизразено.

Компликации

Појавата на истите не може временски да се одреди, па така некои хернии со години се безопасни, односно не се појавуваат никакви сериозни состојби. Но, ако дел од килната содржина навлезе во килната кеса и истата заглави т.е. инкарцерира, настанува пореметување во пасажата на цревната содржина како и компромитирање на цревната циркулација. Пациентите се жалат најпрво на силна дифузна стомачна болка која подоцна ја локализираат во пределот на килната кеса и немање столица и гасови поради откажување на цревната перисталтика. Истовремено тие се во општа слабост, со гадење и повраќање кое во касна фаза е со фекулентна соджина (мизерере). Оваа состојба се нарекува илеус. Долготрајниот прекин на крвта во цревата доведува до нивна некроза, односно гангрена. Компликациите се сериозни и претставуваат индикација за неодложна хируршка интервенција.

Лекување

Најчестo третманoт на ингвиналната хернија е хируршки. Во тек на зафатот се отвора килната ќеса, нејзината содржина се враќа во стомачната празнина, килната ќеса се пресекува, а на отворот се поставува мрежичка со цел дополнително да зајакне ѕидот на стомакот. Се препорачува килата да се оперира на време, додека килната ќеса не постане премногу голема и дури е зачуван абдоминалниот ѕид за да може да се затвори слабата точка. Кај постари пациенти, деца или неоперабилни случаи се делува со конзервативна терапија и носење на ортопедски помагала (бандажи).

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Ѓорги Коњаноски е роден на 06.07.1984 во Битола. Денес живее во Охрид, каде што претходно завршува основно и средно образование. Во 2010 година дипломира на Медицинскиот Факултет при универзитетот “Св.Кирил и Методиј” во Скопје, стекнувајќи се со назив Дипломиран доктор по општа медицина. Учесник е на повеќе семинари и предавања од областа на медицината и активно ги следи новините во неа. Одлично говори англиски и српско-хрватски јазик а во слободното време ужива во долги прошетки по езерскиот брег. Конечно македонскиот веб етер доби вистинско освежување, иновативни содржини, можност за едукација, афирмација, како и обединување на медицинските лица. Сето ова е вкомпонирано во модерен дизајн, професионален техничко-уреднички тим полн со ентузијазам и современи идеи. Чест и задоволство е да се биде дел од тимот.