Пливањето е прекрасен спорт, кој овозможува не само добра физичка активност на нашето тело, туку и рекреација и релаксација. Најдоброто во него е што не бара скапа опрема. Се што ни е потребно е волја, костим за капење и секако – вода.
Пливањето е добар начин за целосно ангажирање на сите мускули на телото, а при тоа отпорот на водата го намалува оптеретувањето на нашите коски и зглобови. Поради тоа е многу корисно во рехабилитација кај болни кои имале некоја повреда (фрактура на коска и сл.).
Со пливање до витко тело
Пливањето примарно е кардиоваскуларна вежба поради потребата постојано нормално да се дише и потребата на мускулите од кислород. Пливањето е еден од најдобрите начини да го согорите вишокот калории, а при тоа да не се “испотите”. Тоа може да се прави индивидуално или пак во група и да биде уште позабавно.
Докажано е дека со пливање од околу 30 мин се согоруваат 900 калории.
Секој може да плива
Возраста не е важна. Во пливањето можат да уживаат и најмалите. Дури и ако не знаат да пливаат, можат тоа да го прават со помош на гуми, душеци, елечиња за капење и сл. Но, дури и повозрасните и постарите можат да се помагаат со душек или перниче доколку е тоа потребно.
Пливањето се препорачува и кај бремени жени, нормално по консултација со матичниот гинеколог, кај луѓе со прекумерна телесна тежина како начин побрзо и поефикасно да се ослабне, кај луѓе со болки во зглобовите, хендикепирани лица итн.
Физичка подготвеност
Со пливање се зацврстуваат мускулите. Тие стануваат и пофлексибилни поради зголемениот отпор на водата, кој е околу 12 пати поголем отколку ако се вежба во воздух.
Стресот и пливањето
Пливањето го намалува стресот и делува релаксирачки поради постојаната активност на мозокот и потребата да се фокусираме на завеслаите и дишењето. Поради тоа, ништо не може да ни го отргне вниманието додека пливаме и не мислиме на секојдневните проблеми, а тоа на сите ни е денес потребно, зарем не.
Дружете се со пливањето
Дали ќе пливате во базен или на плажа, пливањето е и начин за зближување на луѓето преку многуте игри во вода, часови по аеробик во вода или часови по пливање.
Пливањето е спорт кој го храни вашето тело, мозок и дух.