Кокаинот е дрога која што се добива од растението кока. Таа е прашкаста супстанца која во организмот може да се внесе преку уста, нос или венски. Таа е втора по ред најупотребувана дрога во Европа, после марихуаната. Во Европа приближно 12 милиони пробале кокаин барем еднаш во животот (3,6%), 4 милиони (1,2%) пробале кокаин во последната година, а 2 милиони во последниот месец (0,5%). 3,5 милиони (87,5%) се на 15-34 годишна возраст.
Механизам на дејство
serotonin–norepinephrine–dopamine reuptake inhibitor
Кокаинот го инхибира враќањето на овие неуротрансмитери во пресинаптичкиот нервен завршеток. Со тоа се потенцира и пролонгира нивното дејство, односно доаѓа до хронична адренергична стимулација.
Неуротрансмитерите, ослободени од кардијалните симпатички нерви, се врзуваат за алфа и бета нервните завршетоци.
Бета-адренергичната стимулација ќе предизвика активација на ензимот adenylat cyclase кој ја зголемува концентрацијата на cAMP, кој пак ќе доведе до зголемен инфлукс на калциумовите јони во миоцитите. Тоа ќе предизвика зголемена мускулна контракција.
Алфа-адренергичната стимулација, исто така, активира мноштво на механизми кои ќе доведат до зголемена концентрација на калциум во клетката. Високо ниво на клеточен калциум врши деполаризација на клеточната мембрана и е тригер за одржување на акциониот потенцијал и појава на екстрасистоли и тахикардија.
Исхемија
Кокаинот има силен вазоконстрикторен ефект врз периферните крвни садови, како и врз коронарните артерии, поради што предизвикува намален доток на крв во миокардот.
Ризикот од појава на АИМ (акутен инфаркт на миокардот) е за 24 пати поголем во тек на 60 минути од употребата на кокаин.
Нема поврзаност меѓу дозата на кокаин и појавата на АИМ.
6% од пациентите со појава на градна болка по употребата на кокаин имаат покачени вредности на срцевите биомаркери.
Пушењето е дополнителен ризик фактор кој оди паралелно со земањето на кокаин и кој допринесува за појава на исхемија.
Кокаин и атеросклероза
Кокаинот предизвикува оштетување на ендотелот на крвниот сад.
Ја зголемува тромбоцитната агрегација што води кон создавање тромби (инфаркт, емболија).
Кокаин и кардиомиопатија
Хроничното земање на кокаин предизвикува оштетување на срцето поради исхемија или инфаркт на миокардот, што доведува до срцева слабост. Тоа е најчесто меѓу 30-40 годишна возраст. Лекувањето е отежнато доколку се продолжи со земање на кокаин, а и палетата на лекови е ограничена бидејќи некои лекови се контраиндицирани кај кокаинските зависници.
Ехокардиографски се детектира дилатација на коморите, глобално или регионално намален моталитет на ѕидовите, хипертрофија на левиот вентрикул.
Коронарографијата е најчесто со уреден наод на коронарните артерии или со минимални промени.
Кокаин и аритмија
Настанува поради високата концентрација на Ca++ во клетката што ја пролонгира деполаризацијата на клеточната мембрана и го одржува акциониот потенцијал. Тоа предизвикува појава на аритмија.
Можни се суправентрикуларни тахикардии, вентрикуларни тахикардии, вентрикуларна фибрилација, брадикардија, блокови и кардиак арест (асистолија).
Кокаин и ендокардитис
Бактериски ендокардитис се јавува ако корисникот кокаинот го аплицирал интравенски.
Во споредба со другите и.в. дроги, кокаинот се смета за дрога со поголем ризик од развивање на бактериски ендокардитис.
За разлика од другите дроги, кокаинот почесто го напаѓа левиот валвуларен апарат на срцето.
Тахикардијата и покачениот крвен притисок се смета дека имаат улога во оштетување на валвулите, а со тоа се создава подлога за раст на бактеријата.
Кокаин и аортна дисекција
Најчеста причина е покачениот крвен притисок како резултат на употреба на кокаин.
Постои опасност од руптура на церебрална или микотична аневризма.
Кај пациенти со градна болка по употреба на кокаин треба да се исклучи дисекција на аорта.
Терапија
Хипертензијата (покачениот крвен притисок) најчесто бара само мониторинг и бензодијазепини за седација, а ако е тешка и има хипертензивна криза, може да се вклучи антихипертензивна терапија со нитрати, калциум блокатори, алфа блокатори. Бета блокаторите може да ја влошат хипертензијата и се контраиндицирани.
При акутен инфаркт на миокардот (STEMI) лекувањето е со антикоагулантна терапија и, секако, перкутани интервенции (коронарографија и стентирање) ако се прават во установата.
Фибринолитичката терапија е како последен избор.
Во лекувањето на зависникот од кокаин најважно е откажување од земање на дрогата, затоа што во спротивен случај се влошува нагло состојбата и лекувањето на срцевите болести е отежнато.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-