Аронија – храна и лек

Аронијата е овошје со бобичаста форма кое најмногу наликува на плод од боровница.

Ја нарекуваат сибирска боровница од две причини. Првата е поради тоа што иако потекнува од Северна Америка, најраширена е во Русија, а втората поради тоа што е отпорна на многу ниски температури.

Аронијата добро ја поднесува ладната зима и може да опстои на мраз до -45 степени Целзиусови. Таа е растение кое расте во облик на грмушка и доколку има доволно простор може да достигне висина од околу 2 метри. Нејзиниот плод се јаде и има многу лековито дејство и може да се бере и после два месеци откако ќе созрее.

 

Северноамеричките Индијанци аронијата ја користеле за исхрана, притоа плодовите ги сушеле и ги мелеле па ги комбинирале со месо. Свежите плодови најчесто ги употребувале како лек за стомачни тегоби (желудочни и цревни тегоби ), а листовите и кората ги користеле како чај со кој се спречувало крварењето од рана. На Европскиот континент е доведена од Источниот дел на Северна Америка. Најпрво се населила во Русија, Финска и Шведска. Како украсна грмушка или како овошка, аронијата не бара посебни услови за раст.

Може да се сади и на малку плодна почва. Отпорна е на ниски температури и на доцните пролетни мразеви и затоа успева во поладни подрачја. Аронијата не бара ни посебна нега, освен тоа што потребно е да и се овозможи потребната влажност. Расте во секаква почва, доколку не е премногу каменеста, преплитка или мочурлива. Бидејќи е отпорна на сол, може да се посади покрај пат и да послужи како жива ограда. Но, доколку се посади на плодна земја, на раздалеченост од 2 метри, грмушките може да достигнат и висина од 1,5 до 2,5 метри и да бидат многу родни. За аронијата не е потребно ни прскање бидејќи не може да заболи од болести или вошки.

Видови на аронија

Аронијата има три врсти на плодови:

  • црна аронија (aronia melanocarpa),
  • лилавоплодна аронија (aronia prunifolia) и
  • црвеноплодна аронија (aronia arbutifolia).

Нутритивни вредности

Плодовите на црната аронија се исклучително богати со витамини. Од нив содржат витамин Ц, А, Е, Б2, Б6, Б9 и многу реткиот витамин П. Од минералите содржи калциум, калиум, железо, молибден, манган, фосфор и јод. Во сите плодови содржи голема концентрација на антиоксиданси (танини, биофеноли, флавоноиди, антоцијанини, катехини) и се смета дека е поголем антиоксиданс од брусницата. Затоа е корисна во превенцијата против малигните заболувања, ефикасно го прочистува организмот од штетни матерјали па и тешките метали. Освен ова аронијата содржи и редок овошен шеќер сорбитол.

Лековити својства

Од лековитите својства на аронијата најпознати се тие дека ја поттикнува циркулацијата, ја прочистува крвта, ја ублажува главоболката и мигрената, го снижува крвниот притисок, поволно делува на желудникот и цревата, ја спречува дијареата, го покачува имунитетот на организмот, спречува развој на вирусни и бактериски инфекции. Посебно се истакнува нејзиното благотворно дејство на желудникот и црниот дроб затоа што ги прочистува и овозможува правилен раст и работа на овие органи. Особено важно е да се каже дека аронијата ја регулира правилната работа и излачување на хормонот на штитната жлезда, како и да ја регулира работата на панкреасот, па може да биде корисна и во лечењето на дијабетесот бидејќи го намалува нивото на шеќер во крвта. Аронијата исто така помага и при зараснувањето на раните, го успорува стареењето на кожата и организмот, спречува настанување на бори и штити од УВ зрачење.

Аронијата најчесто се употребува како суво овошје или како сок. Чајот од аронија се препорачува да го пијат и младите и старите лица затоа што ќе ја подобри нивната крвна слика. Освен сокот и чајот од плодот се прават и вкусни мармалади, компоти, овошни каши и сирупи. Од плодовите се прават и овошни напитоци, ракија, ликер, оцет и вино.

Затоа се вели дека АРОНИЈАТА Е И ХРАНА И ЛЕК!

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Др. Кристина И. Стојаноска Алоска е родена во Охрид, 1984 година. Средно образование завршува во родниот крај, во гимназијата „Св. Климент Охридски“, природно- математичка насока, во 2003година. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2008 година. Со работна лиценца за доктор по стоматологија се стекнува по положување на државниот испит во 2009 година. Во соработка со ОО Црвен крст - Охрид издава две брошури поврзани со оралното здравје. По повод Неделата на забоздравствена заштита, во 2014 ја издава Брошурата „ГРИЖА ЗА ЗАБИТЕ“ наменета за најмладите во која се опишани правилата за здрави заби што треба секое дете да ги знае. Следната, 2015 година, за истата цел ја издава брошурата „НАСМЕВКА БЕЗ КАРИЕС“, на малку повисоко ниво, наменета за сите родители и деца, во која се опишани сите нешта поврзани со кариесот и тоа како да се спречи. Во 2017 година издавачката куќа ЕДУКА МАК ја издава нејзината книга со 10 раскази на тема орално здравје, напишани како поезија во проза, со наслов „НАСМЕВКА ЗА ПЕТКА“. Работна пракса како доктор на стоматологија извршува во Стоматолошката ординација "ЕТАДЕНТ" во Охрид, чиј сопственик е од 2019 година. Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!