Витаминот Д е еден од витамините кои се растворливи во масла, а кој најмногу го внесуваме преку консумирање млеко или сокови, рибино масло и некои додатоци кои го содржат. Исто така, тој може во организмот да се произведе и ендогено во кожата преку изложување на сонце. Неговата активна форма во организмот е базична за да почне апсорпцијата на калциумот од цревата и да овозможи нормална минерализација на коските и забите.
За време на бременоста, сериозниот недостаток на Витаминот Д може да биде причина за појава на конгенитален рахитис, фрактури на коските и подоцна да се развие кариес на млечните заби кај детето.Сонцето е најголемиот пријател на Витаминот Д. Изложувањето на сонце (но не претерано) може да биде од голема корист во апсорпцијата на калциумот во телото. Како што се знае, калциумот е неопходен за да ги одржиме здрави нашите коски и заби. Не само што игра важна улога во зајакнувањето на нашиот имунолошки систем, тој е неопходен за превенција на сериозни заболувања како што се остеопорозата, хипертензија, карцином и автоимуни заболувања.
Кај луѓето со посветла кожа Витаминот Д може да се активира после 15 минутно изложување на сонце. Но, кај луѓето со нешто потемна кожа се проценува дека во просек потребно е дупло повеќе време, отприлика 30 минути. Но, за време на зимскиот период и тоа е недоволно.
Витаминот Д и млечните заби
Недостатокот на Витаминот Д за време на бременоста може да предизвика појава на кариес кај млечните запчиња. Децата од мајки кои за време на бременоста имале доволно ниво на Витамин Д, на нивните млечни запчиња немаат никакво оштетување на забниот емајл, а спротивно на нив, мајките со недоволно ниво на Витамин Д имаат деца со кариозни запчиња уште во раното детство.
Се смета дека оштетувањето на забниот емајл не е поврзан со недостатокот на Витаминот Д кај мајките, но затоа појавата на кариес на млечните заби е поврзана со недостаток на истиот за време на бременоста. Оние деца кои имаат проблеми со оштетувањето на забниот емајл, најверојатно ќе имаат проблем со кариес на млечните заби уште од најмала возраст.
Затоа идни мајки, внимавајте на исхраната за време на бременоста. Редовно земајте ги мултивитаминските пренатални препарати во кои има Витамин Д. Не заборавајте да уживате во сонцето кое е изворот на живот!!!
д-р Кристина И. Стојаноска Алоска
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-