Отстранување на меките наслаги од забите

Некои видови храна и пијалоци при нивното консумирање предизвикуваат пребојување на забите односно оставаат пигментации или се задржуваат на забите (особено лепливата храна) и на површината на забите создаваат меки наслаги. Притоа меките наслаги со четка и паста (во домашни услови) потешко се отстрануваат од површината на забите. Постапката на нивно отстранување уште се нарекува и пескарање на забите.

Со оваа метода не се врши само отстранување на меките наслаги од забите туку и сите облици на пигментации кои настануваат на забите од различни причини (храна, пијалоци, кафе, цигари итн). Ова е многу едноставна и безболна метода. Отстранувањето на меките наслаги се изведува со едноставен третман со кој потполно (во целост) ќе бидат отстранети пигментациите и дамките од цигари, вино или кафе, особено на места каде што класичното избелување на забите немало ефект.

Oвој третман не служи за избелување на забите, но после истиот Вашите заби секако ќе бидат посветли и ќе имаат поголем сјај. Апаратот за отстранување на меките наслаги под силен притисок исфрла газирани честички на вода врз површината на забите и во просторот помеѓу сите заби.

Третманот на отстранување на меките наслаги е потполно безболен и трае околу 20 минути. Овој третман се препорачува на сите кои водат грижа за оралната хигиена и своето здравје воопшто, и на сите оние на кои ЗДРАВАТА НАСМЕВКА ИМ Е ЗАШТИТЕН ЗНАК.

 

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Др. Кристина И. Стојаноска Алоска е родена во Охрид, 1984 година. Средно образование завршува во родниот крај, во гимназијата „Св. Климент Охридски“, природно- математичка насока, во 2003година. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2008 година. Со работна лиценца за доктор по стоматологија се стекнува по положување на државниот испит во 2009 година. Во соработка со ОО Црвен крст - Охрид издава две брошури поврзани со оралното здравје. По повод Неделата на забоздравствена заштита, во 2014 ја издава Брошурата „ГРИЖА ЗА ЗАБИТЕ“ наменета за најмладите во која се опишани правилата за здрави заби што треба секое дете да ги знае. Следната, 2015 година, за истата цел ја издава брошурата „НАСМЕВКА БЕЗ КАРИЕС“, на малку повисоко ниво, наменета за сите родители и деца, во која се опишани сите нешта поврзани со кариесот и тоа како да се спречи. Во 2017 година издавачката куќа ЕДУКА МАК ја издава нејзината книга со 10 раскази на тема орално здравје, напишани како поезија во проза, со наслов „НАСМЕВКА ЗА ПЕТКА“. Работна пракса како доктор на стоматологија извршува во Стоматолошката ординација "ЕТАДЕНТ" во Охрид, чиј сопственик е од 2019 година. Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!