Пародонтопатија – како настанува, кои се симптомите и како се дијагностицира

Пародонтопатијата е најраспространето стоматолошко заболување по кариесот. Дури 90% од луѓето имаат некаков облик на пародонтопатија. Заболувањето го зафаќа потпорниот апарат на забот, или пародонциумот. Патолошките процеси кои се одвиваат во текот на пародонтопатијата доведуваат до постепено, но прогресивно заболување и конечна загуба на еден или повеќе заби.

Фактори кои доведуваат до пародонтопатија

Со голем ризик да имаат пародонтопатија, освен оние кои недоволно ја одржуваат оралната хигиена, се и пушачите. Важна е и генетската компонента, а едни од причините за ова заболување можат да бидат и разни хронични системски заболувања, како на пример дијабетесот.

Како настанува болеста?

Почетната состојба во оралната шуплина при пародонтопатија опфаќа воспаление на гингивата и на другите структури кои го “држат” забот. Оваа болест често започнува како воспалена гингива или гингивитис.

Пародонтопатијата е болест предизвикана од бактерии која резултира со инфекција во оралната шуплина. Вашиот организам се обидува да се бори против таа инфекција. Некои од медијаторите на имуниот систем кои ги произведува организмот можат да бидат штетни и да ја оштетат виличната коска и лигаментите околу забот.

Доколку не се излечи гингивитисот, воспалението се шири и пропаѓа пародонциумот. Се формираат пародонтални џебови (тоа е просторот помеѓу воспалената гингива и коренот на забот), кои се најважен знак за пародонтопатијата.

Пародонтални џебови:

Забите стануваат преосетливи на механички, термички и други дразби. Деструктивните процеси во алвеоларната коска (делот од виличната коска каде што е сместен забот) кои се одвиваат во текот на пародонтопатијата може да доведат до создавање на пародонтален апсцес, кој претставува жариште од кое се загрозени и други органи и системи. Забите почнуваат да се луксираат (нишаат), а во крајниот стадиум испаѓаат.

Симптоми на пародонтопатија:

  • црвенило, оток и крварење од гингивата
  • повлекување на гингивата со што доаѓа до соголување на забот и истиот станува осетлив на термички и хемиски дразби
  • луксирање (нишање) на забите
  • непријатен вкус во устата

Соголување на забите и оток на гингивата:

Многу од пациентите не знаат дека овие симптоми можат да значат проблем. Здравата гингива е со светло-розева боја и при миење на забите не крвари.

Пародонтопатијата обично не е болна!

Опасно е што пародонтопатијата не боли се додека не дојде до компликации. Болеста започнува со крварење од гингивата и може да почне уште од рана младост.

Дијагноза: ПАРОДОНТОПАТИЈА

Стоматологот ќе ја тестира Вашата гингива со сонда за пародонтопатија. Доколку имате пародонтопатија, сондата ќе оди длабоко помеѓу забот и гингивата, што не е случај при здрав пародонтален простор.

Сонда за пародонтопатија:

Вашиот стоматолог може да го луксира (ниша) Вашиот заб. Нормално е забите благо да се поместуваат и кај луѓе кои немаат периодонтитис. Но, забите можат да бидат многу полабави од нормалните кај луѓето со пародонтопатија. Тоа е поради оштетувањето на влакната и виличната коска која го прицврстува забот. Вашиот стоматолог може да направи и рентген снимка која може да се спореди со постара рентген снимка, со што би се констатирале некои промени доколку ги има.

Траење на пародонтопатијата

Пародонтопатијата не може целосно да биде излечена. Понекогаш оштетените влакна и виличната коска можат да се обноват, но за жал, во најголемиот број на случаи тоа не се случува. Лечењето на болеста може само да ја спречи понатамошната прогресија на пропаѓањето на потпорниот апарат на забите и со тоа да го подобри здравјето на Вашите заби и уста.

Во наредната статија од авторот читајте за превенција и терапија на пародонтопатијата.

Др. Кристина И. Стојаноска Алоска е родена во Охрид, 1984 година. Средно образование завршува во родниот крај, во гимназијата „Св. Климент Охридски“, природно- математичка насока, во 2003година. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2008 година. Со работна лиценца за доктор по стоматологија се стекнува по положување на државниот испит во 2009 година. Во соработка со ОО Црвен крст - Охрид издава две брошури поврзани со оралното здравје. По повод Неделата на забоздравствена заштита, во 2014 ја издава Брошурата „ГРИЖА ЗА ЗАБИТЕ“ наменета за најмладите во која се опишани правилата за здрави заби што треба секое дете да ги знае. Следната, 2015 година, за истата цел ја издава брошурата „НАСМЕВКА БЕЗ КАРИЕС“, на малку повисоко ниво, наменета за сите родители и деца, во која се опишани сите нешта поврзани со кариесот и тоа како да се спречи. Во 2017 година издавачката куќа ЕДУКА МАК ја издава нејзината книга со 10 раскази на тема орално здравје, напишани како поезија во проза, со наслов „НАСМЕВКА ЗА ПЕТКА“. Работна пракса како доктор на стоматологија извршува во Стоматолошката ординација "ЕТАДЕНТ" во Охрид, чиј сопственик е од 2019 година. Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!