Циркуларен кариес

0

Што претставува циркуларниот кариес?

Циркуларниот кариес (Baby bottle caries) е специфичен облик на кариес на млечните заби. Од вообичаените форми на кариес на млечни и трајни заби се разликува по времето на јавување, локализацијата, текот, терапијата, исходот и последиците.

Како настанува циркуларниот кариес?

За настанување на циркуларниот кариес мора да бидат исполнети повеќе предуслови:

  • Домаќин (млечни заби, плунка);
  • Начин на исхрана (природна, вештачка, лоши навики);
  • Одржување на орална хигиена (плак, рано населување на ацидогени форми на бактерии).

Главна причина за настанување се рафинираните јаглехидрати кои се составен дел на многубројни продукти, претежно на сите слатки. Чести дневни и ноќни ужинки, посебно лошата навика детето да се заспива со шише во кое има засладен чај, млеко или сок (baby bottle caries).

Локализација на циркуларниот кариес

Карактеристична локализација на циркуларниот кариес е во вратниот дел на забот поради разликата во квалитетот на минерализацијата на млечните заби пред и по раѓањето.

Примарна локализација на циркуларниот кариес е на горните предни заби во вратниот дел, непосредно до работ на гингивата каде е и најголемата концентрација на дентален плак. Кариесот од лабијалната страна се шири кружно, зафаќајки ја целата коронка на забот, по што го добил и називот “циркуларен кариес”.

 

Кога за прв пат се јавува и клиничка слика?

Циркуларниот кариес се карактеризира со рана појава кај детето, непосредно по никнувањето на забите, односно како што забите никнуваат така биваат зафатени со кариозна деструкција.

Непосредно по никнувањето на горните предни заби, во вратниот дел од лабијалната површина се наоѓаат наслаги со различна пребоеност под кои се воочува кредаста боја на деминерализираниот дел на емајлот. Многу брзо во таа зона доаѓа до појава на ситни кавитети кои се спојуваат во поголеми, кружно околу забот, ја подминираат коронката и доведуваат до отворање на пулпата и кршење на коронката.

Карактеристично за циркуларниот кариес е тоа што и покрај брзото напредување, субјективните тегоби (болката) се јавуваат по експонирање на пулпата.

Терапија на циркуларен кариес

Терапијата на циркуларен кариес е сложена и комплицирана. Најтежок дел е родителите да ги сменат лошите навики на детето и режимот на исхрана.

Третманот е комплексен и се состои од:

  • Елиминирање на причинителот, правилно одржување на орална хигиена и отстранување на меките наслаги од забите;
  • Редовна примена на флуориди;
  • Конзервативна терапија (посебно место во терапијата имаат гласјономер цементите поради својата атхезивност, отпуштање на флуориди и биокомпатибилност);
  • Протетско згрижување (кога коронката е целосно деструирана).

aвторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

д-р Марија Димитријевска е родена на 21.06.1980 во Делчево. Средно образование завршува во ДСУ "М.М.Брицо" - М.Каменица, општа гимназија. Дипломира на Стоматолошки факултет при Универзитетот Св "Кирил и Методиј" - Скопје, каде се стекнува со назив доктор по општа стоматологија. -Доктори.мк е одличен портал кој овозможува добра едукација на пациентите од сите области на медицината и решавање на многу нивни дилеми поврзани со здравјето. Чест ми е што сум дел од тимот на доктори.мк.