Деглутационата синкопа е исклучително невообичаена, бизарна и ретка состојба. Регистрирани се мал број на случаи кои се објавени во медицинската литература, почнувајќи од 1958 година.
Што е синкопа и како настанува?
Синкопата генерално претставува губење на свест, како последица на намален довод на кислород до мозочното ткиво (хипоксија) или поради намалена количина на крв која стига до мозокот поради хипотензија.
Направено е испитување на 204 пациенти со синкопа за причината на нејзиното настанување и било заклучено дека 25% се со кардиоваскуларно заболување, 25% со некардиогено заболување, а кај дури 50% причината за настанување на синкопата е непозната.
Што е тоа деглутациона синкопа?
Има многу причини за настапување на синкопа, но деглутационата синкопа е вид на ситуациона синкопа и е посебна и интересна поради нејзината причина за настанување. Настанува по консумација на сува храна (на пр. сендвичи), газирани сокови и ладни напитоци. Настапува по мала вртоглавица и претставува губење на свеста без претходна аура.
Епизодите на несвестица се непредвидливи и повремени, а најчесто настануваат поради реакција на вагусниот нерв. При негова хиперстимулација и негово парасимпатичко делување настануваат брадиаритмии и атриовентрикуларен блок. Патолошкиот вазо-вагален рефлекс кој настанува во моментот на голтањето на храната е најчест причинител за деглутационата синкопа, но при дијагностицирањето на оваа ретка состојба мора првенствено да се исклучат и болести на езофагусот. Тоа се прави со езофагограм со бариумова каша, тестирање на мотилитетот на езофагусот и горна ендоскопија. Иследувања на кардиоваскуларниот систем како што се ЕКГ и 24 часовно Холтер мониторирање се исто така неопходни.
Како изгледа клиничката слика на деглутационата синкопа и како да реагираме во првиот момент?
Пациентот губи свест, паѓа на земја, а потоа не се сеќава на ништо за време на тие 10-15 секунди кога е во несвесна состојба.
Во тие моменти доволно е пациентот да се испрска со вода, да се обратиме кон него гласно на име и да употребиме лесна физичка дразба. Потоа треба да го поставиме во лежечка положба со поткренати нозе (за да може да се зголеми приливот на венска крв во срцето) и да ги отстраниме сите причинители на колапсот ако ги има, додека медикаментозна терапија не е потребна.
Лекување на состојбата
Доколку се докаже дека пациентот има деглутациона синкопа, му се препорачува избегнување на ладни и газирани пијалоци и тврда храна (таа храна која му предизвикува синкопа). Патолошкиот вазо-вагален рефлекс се контролира со антихолинергици, а исклучително ретките случаи на А-В блокови се третираат со имплантирање на пејсмејкер.