Солариумот нуди ризична убавина

0

Ништо не може да го замени прекрасниот изглед на убаво исончана кожа, чоколаден тен и летна насмевка. Сега тоа ни е овозможено да го имаме, не само во лето, туку и во пролет, есен и зима. Но, по која цена?

Солариумот овозможува за кратко време, за само неколку денови и со неколку третмани да се постигне саканиот ефект на бронзен тен.

Дејство на ултравиолетовите(UV) зраци

Ултравиолетовите зраци (UVA, UVB) продираќи низ површниот слој на кожата предизвикуваат опекотини, рак на кожата, алергии и слично. Додека пак UVC зраците не продираат до површината на земјата, се апсорбираат во озонскиот слој на атмосферата, а со тоа не предизвикуваат никакви оштетувања на кожата. UVA зраците создаваат спонтана пигментација на кожата со призводство на меланин, но ако продрат длабоко во кожата го зголемуваат ризикот за развој на рак во подоцна во текот на животот. UVB не продира во длабоките слоеви на кожата и предизвикува акутно оштетување на кожата во облик на опекотини кое води до дегенерација на кожата и нејзино стареење, а со тоа и развој на рак на кожа.

Солариум vs сонце

Разликата помеѓу UV зрачењето во солариум и изложувањето на сонце е тоа што зрачењето во солариум е со поконцентрирани дози и со пет пати поголем интензитет. UVA и UVB зраците користени во солариумите предивикуваат: иритација, сувост на кожата, предвремено стареење, брчкање и губење на елистицитет на кожата ( намалување на нивото на колаген во кожата ) пигментација и секако најопасната последица, рак на кожата. Ризикот за настанување на сите овие проблеми е правопропорционален со честотата на изложување на UV зрачењето, било во солариоум било на сончева светлина. Ако ги изложуваме очите на зрачењето во солариум може да настане оштетување на корнеата и коњуктивата и видот може да биде привремено оштетен. Катаракта и очен карцином се исто така последица на прекумерно користење на солариум без соодветна заштита на очите. Некои лекови како антибиотици, антихипертензиви, антидепресиви ја зголемуваат осетливоста на UV зрачењето.

Феномен на зависност од користење солариум

 

Интересен е феноменот на зависност од користење на солариум.

Некои луѓе тврдат дека уживаат во тие 20 мин на сончање во солариум, некои пак дека не можат без чоколаден тен преку цела година. Тоа не е препорачливо. Во Западна Австралија поради големата зачестеност на карцином на кожа е забрането користење на солариум од страна на лица под 18 години.

Мислењето дека солариумот претставува безбеден начин на сончање, се со цел да се намалат изгорениците при првото сончање е погрешно. Многу ретко лекарите препорачуваат користење на солариум при некои кожни болести како акни (поради ефектот на сушење на кожата), псоријаза, егзем. Изложувањето на UV зрачење кога се сончаме не можеме да го контролираме, зрачењето во солариум е контролирано. Но затоа пак тенот добиен на солариум трае пократко од оној добиен со сончање на сончева светлина.

“Здравјето

нема цена”

Добро размислете

Здравјето нема цена. Затоа добро размислете дали ќе користите солариум и дали за тен кој ќе трае кратко ќе го ризикувате своето здравје.

Ако веќе користите солариум, тогаш придржувајте се кон советите на лекарите:

  • Почнете со изложување од 5 минути и зголемувајте го времетраењето на сончањето до максимум 20 мин во период на еден месец.
  • Никогаш не се задржувајте во солариум повеќе од 20 минути.
  • Не користете солариум повеќе од еднаш дневно.
  • Не користете солариум ако немате 18 години.
  • Не користете солариум ако сте бремени и доите.
  • Не користете парфеми и дезодоранси за време на сончањето.
  • Ако веќе користите солариум, користете колку можете поретко.
  • Не користете солариум ако имате чувствителна кожа, алергија на сонце, изгореници и отворени рани на кожата.

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Моника Самарџиоска е родена на 12.09.1984 год. во Прилеп, Република Македонија, каде го завршува своето основно и средно образование. Во 2009 год. дипломира на Медицинскиот Факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје. За време на студиите волонтира во студентскиот сојуз и во невладини организации во повеќе наврати, како: волонтер во IFMSA (програма за студентска размена) - 2007 г.; волонтер на Одделот за општа хирургија, Медицински универзитет, Вроцлав – Полска, како дел од програмата за студентска размена - август, 2008 г.; волонтер на 58-мо Генерално собрание на IFMSA - август, 2009г); волонтер во „Националната фондација за трансплантација“. Одлично го познава англискиот јазик, а го изучува и германскиот. Љубител е на планинарење и промовира здрав начин на живот. -Многу ми се допаѓа сајтот затоа што е забавен, поучен и информативен. Доброто здравје треба да се одржува и почитува затоа што здравјето не го цениме доволно се додека не го изгубиме.