Пoчит кон сопственото тело
Редовна контрола врз сопственото тело, вклучуваќи го и прегледот на дојката е исклучително важен и треба да претставува дел од здравствената култура на жените. Самопрегледот на дојките во домашни услови е ефикасен начин за една жена да си го запознае изгледот и обликот на градите и самата да открие дали има некакви промени и благовремено да се обрати на лекар.
Кога да се самопрегледате?
Самопрегледот треба да се обави барем еднаш во месецот, во период од околу 10-тиот ден од менструалниот циклус поради стабилноста на половите хормони баш во тој период од циклусот, со што во тој период е намален отокот и болката на дојките кој нормално се јавува неколку дена пред менструалниот циклус и првите неколку дена од менструалниот циклус. Во период од 16 до 18 години треба да се направи првиот самопреглед. Веќе по 20-та година од животот на жената се препорачуваат редовните самопрегледи.
Клиничките прегледи на дојките кај жени од 20 до 40 години се препорачуваат еднаш на 3 години, а кај жени над 40 години се препорачуваат еднаш годишно. Кај овие жени треба да се направи и првата мамографија ( ако жената или лекарот забележат промени, мамографија се прави и порано).
Скрининг мамографија се прави од 40 до 49 годинишна возраст и тоа еднаш на 2-3 години, а после 50-та и еднаш годишно.
Како да се самопрегледате?
Застанете пред големо огледало и набљудувајте ги дојките најпрво со раце спуштени покрај тело, потоа со дланки потпрени на колковите (може и да се наведнете нанапред), потоа рацете кренете ги над глава и на крај со рамена повлечени наназад.
На овој начин се забележуваат било какви надворешни промени во обликот, формата и големината на дојките кои не биле присутни претходно. Се забележуваат и кожни промени кои не биле до тогаш присутни, црвенило, иритација и слично. Убаво треба да се забележи дали има промена во бојата, формата на брадавицата правецот во кој е насочена и дали има некаков исцедок. Проверете ги и аксиларните јами со јагодиците на прстите на показалецот, средниот и домалиот прст со кружни движења и тоа со потпирање на раката на колк на испитуваната страна, а со спротивната рака го правиме самопрегледот.
Наједноставен начин за да го направите самопрегледот е за време на туширање со подигање на едната рака и ставање позади главата, а со другата рака нежно притискање на дојките во пределот на брадавицата.
Посветете си барем 10 мин за себе и убаво забележете дали има промени, како што се задебелување во одредени области, грутки и доколку ги има, консултирајте се со лекар. Самопрегледот на дојките се прави и во легната положба на грб со крпа под рамо на испитуваната страна и со ставање на раката под глава. Со спротивната рака се изведува самопрегледот и тоа со јагодиците на показалецот, средниот и домалиот прст и полека, внимателно бараме дали има промени.
Цел на самопрегледот на доjките
Со самопрегледот на дојките, жената навремено може да забележи надворешни промени на дојките, како што се:
- црвенило, болка, чешање и оток,
- промени во обликот и големината на дојките ,
- грутка, било да е безболна или болна
- исцедок од брадавицата (како млеко, гној, крв),
- вовлекување на брадавицата кое не постоело предходно,
- промени во аксиларната регија како црвенило, оток и зголемени лимфни јазли.
Како можни причини за овие промени се: дисплазијата, цистите, фиброаденомите, а неретко и рак на дојка.
Со редовни самопрегледи вклучително и мамографија се намалува смртноста од рак на дојка за 30% и се овозможува навремено дијагностицирање, а со тоа и навремен третман.
Не го игнорирајте проблемот
Многумина кога и да забележат дека нешто се случува со нивното здравје или забележат дека имаат надворешна промена која не е физиолошка, ја игнорираат убедуваќи се дека „ ТОА НЕ МОЖЕ МЕНЕ ДА МИ СЕ СЛУЧИ “. Или често ги користат зборовите „ ЌЕ ПОМИНЕ“. Меѓутоа не смее да се дозволи да помине време и да се игнорира проблемот , пред да се обратите на лекар.
Во секој случај потребен е редовен самопреглед поради тоа што е безбеден, ефтин и ефикасен и доколку се забележи промена потребна е консултација со лекар, кој ќе одлучи кои дијагностички мерки да ги превземе.