Секој од нас, без разлика дали е медицинско лице или не, во секојдневието може да биде затекнат од несакана ситуација во која може да е загрозен и животот на наш пријател или случаен минувач. Навременото, би рекол, реагирање, може да спаси понекогаш и човечки живот. Можеби крварењето од нос нема да го загрози животот, но секако истото е многу непријатно. Прочитајте што треба да направите доколку ви крвари носот.
- Седнете исправено и наведнете се нанапред. Со седењето вие го намалувате притисокот во вените на носот. Ова го намалува крварењето, а со наведнувањето нанапред ќе избегнете голтање на крвта која може да го иритира желудникот.
- Стиснете го носот со палецот и показалецот доволно силно за да се затвори протокот на воздух. Користете ја устата за дишење. Држете го така носот стиснат 5-10 минути. Ваквиот маневар обично го запира крварењето.
- За да превенирате повторно крварење, откако претходното престанало, не го чепкајте и не го дувајте носот неколку часа по епизодата на крварење.
- Ако повторно се појави крварење, издувајте го носот силно за да излезат крвните тромби и прснете во носот деконгестив, кој содржи oxymetazoline. Потоа применете ги претходните техники за запирање на крварењето.
Побарајте итна медицинска помош ако:
- Крварењето трае подолго од 20 минути;
- Ако крварењето е резултат на пад или повреда на главата, вклучувајќи ја и повредата при удар со бокс кој можеби ја има скршено носната коска.
При чести крварења
Ако се јават чести крварења, закажете преглед кај вашиот доктор. Можеби ќе биде потребна каутеризација на некој крвен сад. Каутеризацијата е техника при која крвниот сад се гори со електрична струја, сребрен нитрат или со ласер. Понекогаш докторот може да го исполни носот со специјална газа или со латекс балон за да се аплицира притисок врз крвниот сад и да се запре крварењето.