Знам дека сите, наоѓајќи се на крајот на силите, психички, физички, финансиски, со нетрпение очекувавме почеток на разлабавување на рестриктивните мерки. Јас дури и јавно изразив надеж, пред ден-два, дека кон средината на мај можеби и полицискиот час ќе се укине…
А истовремено, ги имав пред себе бројките од 3 мај наваму. И тоа бројките на хоспитализираните од ковид-19.
Јасно е дека бројот на регистрирани случаи (вкупно позитивни асимптоматски и позитивни симптоматски) не е точен одраз на вистинската состојба. Тој дефинитивно е зависен од бројот на земени тестови!
Бројот, пак, на оние на кои им треба хоспитализација не може да се штелува. И бројот на умрените… За епидемиологијата, тие се поверодостојни показатели.
Од 1 случај на 3 мај, бројот скокна на 7 на 4 мај, 5 на 5 мај, 8 на 6 мај, 4 на 7 мај, на 8 мај бројот е 9 хоспитализирани случаи и вчера, 9 мај, тој број е 6.
Дали е ова случајна варијација кон горе?
Постои ли причинско-последична врска со одредени неодамнешни „епидемиолошки важни настани“ (како што стручно ги нарекуваме масовните дружби и собири)? Или е во прашање само (статистичка) корелација?
Ќе покажат наредните денови. И анализите на екипите од ИЈЗ што се денес излезени на терен. За среќа, бројот на починати стагнира. Што е добар знак!
И така, на некој начин пак сме на почетокот. Како Сизиф… Се опуштивме ли премногу? Зошто се опуштивме? Зарем не се работи за проблем што сите нè засега, без разлика на нација, политичка боја?
Толку ли не можеме да ги надминеме личните фрустрации и егоизам? Толку ли не можеме да се надминеме себеси? И да покажеме дека сме сите заедно спрегнати во борбата со зедничкиот непријател. Невидливиот непријател!
Инаку, постојано ми се пред очи коментари од типот:
„Врска нема, вирусот е измислен!“ „Ма, обично грипче е!“ „Кој може мене со сила да ме натера да седам како во притвор?“ „А бе, тој што е загрозен нека си седи дома, јас има да шетам!“ „Доста нè лажете, измисливте пандемија за сосила после да нè вакцинирате, па да нè чипирате!“ И така натаму…
А што со докторите и сите други здравствени работници? „Ма што ни е гајле за нив, жив човек нема на клиника, ништо не работат, сè е фингирано!“
Да, има и такви искажани ставови. Немам коментар! Срамота!
И додека цела Европа работи на постепено релаксирање на мерките, а штотуку и кај нас се почна со подготовки за тоа, наеднаш карпата на Сизиф се струполи удолу. На почеток.
Се прашувам, навистина ли сме на почетокот?
Мислам – сепак, не! Ми се чини дека генералниот тренд на стивнување на епидемијата значајно нема да се наруши. И дека сè ќе заврши добро. Дека ова е, всушност, еден вид аларм за отрезнување, не само за граѓаните, туку и за преземање мерки за корекција на пројавени слабости во менаџментот со ситуацијата, на ниво на примарна здравствена заштита.
Народната мудрост вели: „Секое зло за добро!“
Последниов пораст на болни (кој, се надевам, нема да ескалира), убеден сум, ќе значи и најголемите скептици и негатори конечно да поверуваат.
Сакам да веувам дека ќе се разбуди кај сите нас свесноста и совеста дека само од нас зависи понатамошниот тек на настаните; дека колку повеќе сами себе се дисциплинираме, толку побрзо ќе излеземе од „зоната на самракот“. Друга опција едноставно немаме!
Некои постојано ја спомнуваат Шведска. Требало како нив да постапиме. Шведска ја стави одговорноста во рацете на граѓаните, советувајќи ги да се однесуваат одговорно. И толку. Повеќе од 90 проценти го испочитуваа договорот со властите!
Како и да е, до кога ќе тераме вака? Додека расте бројот на случаи. Нашите прогнози, според кои до крајот на мај би требало да ги имаме последните случаи, (а нагласувам дека тие се совпаѓаат и со прогнозите на експертите од Сингапур), (очигледно) не би требало да се земат „здраво за готово“.
Тие претпоставуваат исти услови (на однесување, на мерките и др), да постојат и во периодот за кој се прави прогноза. Бидејќи тоа во реалниот живот не е секогаш така, можни се помали или поголеми отстапувања.
Од моментот кога ќе се регистрира последниот случај, според епидемиолошките принципи, мора да помине период од две максимални инкубации (во случајот со КОВИД-19 тоа се 28 дена), за прогласената епидемија да може да се укине! Никако порано!
Во меѓувреме, логично е дека рестриктивните мерки би можело да се релаксираат, но само пропорционално со опаѓањето на бројот на случаите и ако не се случуваат инциденти (неочекуван пораст на бројот на случаи).
Апсолутно би било недозволиво, неодговорно и ризично по здравјето на луѓето, во периодот на стивнување на епидемијата, (макар и при укинат полициски час), да се организираат било какви масовни настани. Се виде кон што води тоа…
До нас е!