Инциденцата на кандидијалната инфекција во последната декада е во пораст согласно со порастот на инциденцата на дијабетот, малигните заболувања и особено СИДА-та.
Candida специесите се околу 300, меѓутоа постојат околу 7 специеси кои се многу патогени.
Candida albicans во усната празнина се наоѓа како сапрофит, меѓутоа под одредени околности се менува и поприма патогени особини. Во тој случај се јавува како предизвикувач на инфламација и други патолошки промени во устата.
Причините за патогени промени на оралната лигавица можат да бидат од локална или општа природа, како и медикаментозно условени:
- лоша орална хигиена, особено кај лица со протези;
- трауми на оралната мукоза;
- богата карбохидратна диета;
- ксеростомија (сува уста);
- примена на имуносупресивни лекови и антибиотици со широк спектар на делување;
- орална епителијална дисплазија;
- крвни дискразии;
- кисела реакција на плунката кај дијабетичари;
- бременост и примена на контрацептивни средства.
Класификација на оралната и периоралната кандидијаза
Акутната клиничка форма се јавува како:
- 1. Акутна псевдомембранозна кандидијаза (SOOR)
Оваа форма се јавува како последица на антимикробна одбрана на организмот, а Candida albicans потекнува од родилните патишта на мајката. Предиспонирани се новородени од мајки со вагинална кандидијаза и предвреме родени и кахектични деца. Се манифестира со сиво-бели наслаги кои се јавуваат скоро насекаде во усната празнина, а најчесто на јазикот, тврдото и мекото непце, како и на образната лигавица. Наслагите обично лесно се симнуваат, но набрзо се создаваат нови. Слузокожата под нив е интензивно црвена, пропратена со болка – особено при доење.
- 2. Акутна атрофична (еритематозна) кандидијаза
Оваа клиничка форма најчесто е локализирана на дорзалната површина на јазикот, тој е изменет и болно осетлив, особено при консумирање на цврста, топла и зачинета храна. Беличести траки можат да се најдат насекаде во усната празнина, особено на местата кои се изложени на притисок на џвакање. Промените најчесто се последица на пролонгирана употреба на широкоспектарна антибиотска терапија.
Хроничната клиничка форма се јавува како:
- 1. Хронична хиперпластична кандидијаза (кандидијална леукоплакија)
Најчесто е локализирана на образната лигавица и јазикот, а се манифестира со ирегуларни цвсти бели плаки кои не можат да се отстранат. Се јавува кај пушачи, лица носители на протези и пациенти со HIV инфекција. Оваа форма може да претставува предмалигна лезија и во такви случаи се забележува епителна дисплазија во околу 50% од случаите.
- 2. Хронична атрофична кандидијаза
Оваа форма се среќава кај пациенти со протетски надоместоци и многу е почеста кај жени. Палатиналната мукоза е почесто афектирана бидејќи поинтензивно е присоединета за протезата и на тој начин се фаворизира растот на Candida albicans. Се манифестира како хроничен еритем и едем (оток) на непцето на местото на контакт со протезата.
Кандидијазата не е контагиозно заболување!
Терапија
Терапијата на оралната кандидијаза се состои во елиминација на сите фактори кои ја фаворизираат кандидомикотичната инфекција, делување врз Candida albicans и делување врз симптомите на кандидијазата.
Отстранувањето на факторите кои ја фаворизираат кандидијазата се состои во:
- правилно одржување на оралната хигиена;
- изработка на нови протетски надоместоци;
- отстранување на забен камен;
- обработка на пародонтални џебови;
- санација на кариозни лезии;
- нормализирање на Ph на плунката ако пациентот прима имуносупресивна терапија (доколку има можност се намалува дозата).
Основната терапија на оралната кандидијаза се состои во ординирање на антимикотични средства.
-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-