Развојна дисплазија и вродено исчашување на колкот

0

Вовед

Развојна дисплазија на колкот претставува претставува неправилен развиток на зглобот на колкот со нарушување на окоскувањето на ацетабулумот (зглобната чашка). Конгениталното (вродено) исчашување пак преставува изместување на главата на бутната коска од нејзината централна позиција во ацетабулумот.

Причини

Нема една конкретна причина за појава на развојна дисплазија на колкот. Причините за појава на ова заболување се мултифакторијални. Улога во настанувањето имаат генетските, механичките и хормоналните фактори. Статистички почесто се јавува кај првородените деца, женските деца, при карлична презентација на плодот при породувањето, при состојби на олигохидроамнион (намалено количество на плодова вода), доколку постои лабавост на зглобовите или други нарушувања на другите зглобови кај новороденото од типот на еквиноварусно стапало, рамни стапала, вроден крив врат, итн. Исто така постои зачестено појавување доколку некој од родителите боледувал од истото заболување во детската возраст или заболувања кои резултирале со рани дегенеративни промени на зглобот на колкот.

Дијагноза

Земање на анамнеза

Во поставувањето на дијагнозата се служиме со историјата на пациентот (фамилијарна анамнеза за слични заболувања), презентацијата на плодот при породувањето или евентуалниот недостиг на плодова вода како и дали е првородено дете.

Клинички преглед

Понатаму следи клинички преглед на пациентот – детето при што се обрнува внимание на следните клинички знаци:

  • асиметрија на кожните набори на натколениците кај децата
  • евентуално присутна разлика во должината на долните екстремитети

Следува испитување на пациентот од страна на ортопедот при што се внимава на:

  • обемот на движења во пределот на зглобот на колкот
  • евентуалното ограничување во абдукцијата на колковите (неможност кај детето во лежечка позиција на грб да се рашират колковите и со свиткани колена да се допре масата за испитување)
  • знакот по Ортолани (присутен кај деца меѓу 0-2 месеци старост каде што постои исчашување на колкот кој се репонира при маневарот на ширење на колкчињата)
  • знакот по Барлоу (каде имаме луксабилен колк – кој при одреден маневар е во состојба да се исчаши – тоа не е случај кај нормално развиените колкчиња)

(внимание: ваквите прегледи и маневри се изведуваат од страна на ортопед!)

ЕХО и Рентген дијагностика

Понатаму следен чекор во поставувањето на дијагнозата на развојна дисплазија на колкот или пак вродено исчашување на зглобот на колкот е ултразвучниот преглед – ЕХО на колкчињата. Најприфатен и најраширен е методот по Граф затоа што истиот дава можност за рано откривање како и сигурност во поставувањето на дијагнозата.

Во некои земји постои задолжителен ЕХО скрининг на колкчињата кај сите новородени деца. Доколку тоа не е возможно препорачливо е сите новородени деца најкасно до 2 месечна возраст да бидат прегледани од страна на ортопед и да се направи ЕХО преглед на колкчињата токму заради раното откривање на развојната дисплазија и исчашувањето на колкот. Колку порано се открие заболувањето толку поефективно може да биде лекувањето во раната возраст. Доколку пак не се најде никакво нарушување, следниот редовен преглед би требало да биде на околу 6 месечна возраст за да се прати развојот на зглобот и главата на бутната коска.

Друг метод за дијагностицирање на нарушениот развој на зглобот на колкот претставува Рентген дијагностиката. Во денешно време истата е потисната во раниот неонатален период од ултразвучната дијагностика не само заради помалото зрачење туку и затоа што ЕХО-то дава подобар приказ на зглобот и меките ткива во и околу него во раната возраст. Од друга страна после 9-12 месечна возраст Рентген дијагностиката е позначајна во прикажувањето зглобот на колкот.

Терапија

Кај сите деца без разлика дали е најдено некакво нарушување во зглобот на колкот или не се препорачува широкото повивање како превентивна мерка. Тоа подразбира употреба освен на “pampers” пелени уште две класични платнени пелени и една “осмица” пелена со цел да се држат колкчињата во раширена и свиткана положба. Таквата позиција овозможува најдобро созревање на зглобот на колкот и се препорачува до втората редовна контрола кај ортопед (на околу 6 месечна возраст) се додека не се добие поинаков совет од страна на лекарот. Освен тоа мајката се обучува при секое преслекување на детето да прави вежби на отворање (ширење) на колкчињата за да се превенираат понатамошни контрактури.

Доколку се најде пак некакво нарушување во развојот на колкот се продолжува со понатамошен третман кој може да биде конзервативен и оперативен. Секогаш се започнува со конзервативниот – неоперативен третман. Тој опфаќа:

  • третман на созревање на зглобот со употреба на определени ортопедски помагала (на пр. Павликови ременчиња итн.)
  • третман на затворена редукција (взглобување на делумното или целосното исчашување на зглобот на колкот) со употреба на ортопедски помагала, тракција на долните екстремитети (над главата или лонгитудинална)
  • имобилизација (задржување на постигнатата репозиција на зглобот) со помош на гипсена имобилизација, ортопедски помагала и сл.

Конзервативниот третман е доготраен и по неколку месеци но што порано се почне толку и успехот од таквото лекување е поголем.

Доколку не се успее со неоперативниот третман или болеста е откриена подоцна (после 2 годишна возраст) се продолжува со оперативно лекување.

Тоа се состои од:

  • отворена редукција на исчашувањето на зглобот на колкот
  • оперативни мерки за корекција на зглобот на колкот (со кои се овозможува со корекции било на бутната коска било на ацетабулумот да се воспостават нарушените односи во зглобот)

Се разбира, во зависност од возраста на пациентот како и од степенот на нарушувањето постојат различни оперативни постапки кои сега не се предмет на дискусија.

По оперативното лекување се продолжува со имобилизација на зглобот во траење од неколку месеци за да се овозможи правилно зараснување на коскените ткива и правилно постоперативно развивање на зглобот во саканата позиција.

 

Компликации

Како и секој друг третман така и лекувањето на развојната дисплазија или исчашувањето на зглобот на колкот било оперативно било конзервативно носи одреден ризик од компликации. Најчеста и најсериозна компликација во овој случај е аваскуларната некроза на главата на бутната коска. Тоа претставува постепено изумирање на главата на бутната коска заради намалено крвоснабдување кое понатака води до рани дегенеративни промени на зглобот на колкот.

Важни препораки:

  • на секое новороденче најдоцна до 1-2 месечна возраст да се направи ортопедски преглед и ЕХО на колкчињата
  • на секоја мајка да се објаснат системот на вежби на колкчињата како и начинот на широко повивање кај новороденчињата
  • доколку нема никакви нарушувања следниот редовен ортопедски ортопедски и ЕХО преглед на колкчињата е околу 6 месечна возраст

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

д-р Огнен Шешоски е роден во 1980г во Охрид. образование Основно и средно образование завршува во Охрид. Во тек на средношколските денови (08-09.1996) како стипендист на фондацијата СОРОС учествува во 5 неделна летна школа во "Choate Rosemary Hall" Конетикат, САД. Медицински факултет завршува во 2005г во Скопје со просечен успех 9.34. специјализација 2006– 29.11.2010 - специјализација по ортопедска хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје професионално искуство Од 21.12.2005 вработен во ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија "Св. Еразмо" во Охрид 2002 – 2004 - Како член на ССММ работи како локален офицер за размена на студенти во Охрид; 03.08 – 09.08.2004 - Член на организациониот одбор на Генералното собрание на IFMSA (Меѓународната федерација на асоцијации на студенти по медицина) во Охрид; 08. 2005 - Посетува едномесечен тренинг на одделот за трауматологија во Универзитетскатѕа болница "Hospital de Bellvitge" во Барселона, Шпанија; 10.2007 - Учествува на вториот Албански ортопедски конгрес со меѓународно учество; 17.10 - 21.10.2007 - Учествува на десеттиот Бугарски ортопедски конгрес со меѓународно учество како коавтор на две постер презентации: DHS (Dynamic Hip Screw) as a method of choice for treatment of pertrochanteric fractures, Ossification of THA as complication of hip arthroplasty – case report; 25.09 – 26.09.2008 - Учествува на првиот Српски ортопедски конгрес со меѓународно учество како коавтор на следните постер и орални презентации: Ossification of THA as complication of hip arthroplasty – case report, Haematothorax after gibbectomy – case report, The Herring classification applied in prognosis of Perthes disease, Managing Biomechanical System “Ilizarov aparatus –bonesegment ” in Solving Problems with bone joint reconstructive surgery; 30.09 – 04.10.2008 - Го посетува следниот курс на АО "Principles of fracture management for surgeons" во Љубљана, Словенија; 14.05 – 15.05.2009 Учествува на третиот Македонски Ортопедски конгрес со меѓународно учество како автор на постер презентација: Premature consolidation as a complication during the limb lengthening process using the Ilizarov techniques – case report; 18.05 – 21.05.2009 Стручен престој на Институтот за ортопедска хирургија - Бањица, Белград, Србија(оддел за педијатриска ортопедија); 29.08 – 25.09.2009 Како стипендист на AO посетува четиринеделен тренинг во "BG-Unfallklinik" Лудвигсхафен, Германија; 04.10 – 11.10.2009 Како стипендист на EFORT дел од "Traveling Fellowship" во Италија(Болоња, Верона); 07.05 – 08.05.2010 Дел од Симпозиумот “Revision aloarthroplasty of the hip joint”во Бања Лука, Босна и Херцеговина; 20.06 – 26.06.2010 Како стипендист на Open Medical Institute посетува еднонеделен курс за коскенозглобна хирургија во Салцбург, Австрија; -Ја поздравувам иницијативата, современиот дизајн и оригиналните идеи. Овој портал е своевиден веб центар на медицината и здравјето во Македонија кој ни беше потребен на сите, како на широката јавност, така и на лекарите.