Гастроезофалгеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) е заболување предизвикано од навлегување или враќање на желудочната содржина во храноводот. Претставува едно од најчестите заболувања од областа на гастроентерохепатологијата.
Интересен е фактот што од една страна мал е бројот на пациентите кои бараат лекарска помош од ваков вид, а од друга страна има голем број на лекари што не обрнуваат внимание на симптомите од ова заболување. Поради таквите обострани пропусти доаѓа до влошување на состојбата кај пациентите со што процесот напреднува, а дијагнозата се поставува релативно доцна, па шансите животот да се доведе во прашање стануваат повеќе од можни.
Од статистичка гледана точка оваа болест бележи растечки тренд од 5% за една година. Речиси 50% од возрасната популација имаат рефлуксни епизоди, кај 15% од случаите тие епизоди се присутни два пати месечно или еднаш неделно, а кај помалку од 10% симптомите стануваат секојдневие.
Ризик фактори кои доведуваат до појава на ГЕРБ се: бременост, кила на желудник, долготрајно лежење кое го потенцира враќањето на желудочната содржина и генетска предиспозиција.
За да знаеме каков е механизмот преку кои настанува оваа болест, треба да се потенцира дека при внесување храна мускулниот прстен кој се наоѓа помеѓу храноводот и желудникот се отвара за да може внесената содржина слободно да помине во желудникот, а потоа се затвара за да не дојде до враќање на содржината назад. Нормално е мала количина на желудочната киселина да навлегува во храноводот и да не предизвика никакво чувство. Постојаното навлегување на таа мала количина киселина со години доведува до оштетување на слузницата од храноводот во делот каде тој се спојува со желудникот, со други зборови доаѓа до оштетување на мускулниот прстен и последователно до негово олабавување односно намалување на неговата функционалност. Ова доведува до зголемено враќање на содржината во храноводот, поголемо оштетување на неговата слузница и појава на компликации за кој ќе стане збор подоцна.
Симптоми
ГЕРБ има типична симптоматологија. Најчесто постои печење или жарење позади градната коска, враќање на желудочната содржина во грлото без напор, гадење и подригнување. Поретко може да има отежнато голтање, болка при голтањето, градна болка и зголемено лачење на плунка.
Поделба
Постојат два типа на ГЕРБ:
Физиолошки тип којшто се јавува во нормални услови односно:
- При внесување одредени видови на храна кои нормално предизвикуваат зголемено лачење на киселина во желудникот.
- При пушење.
- Крактораен (при подригнување и наведнување).
- Асимптоматски ( кога рефлуксот нема клинички симптоми).
Патолошки тип
- Кога се присутни повеќе од 50 епизоди на рефлукс во тек на 24 часа.
- Кога повеќе од 3 епизоди се подолги од 5 минути во тек на 24 часа.
- Кога постојат дневни и ноќни пристапи на рефлукс.
Од патолошки аспект ГЕРБ се јавува во два вида:
- Eрозивен ГЕРБ (при што постои едноскопски наод на рефлуксен езофагитис со присуство на некрози или мали чирести творби на спојот меѓу храноводот и желудникот).
- Неерозивен ГЕРБ (каде што ендоскопскиот наод е нормален).
Сепак во глобала без разлика на каков вид да се работи, треба да се потенцира дека ендоскопскиот наод е нормален во 70% од случаите.
Компликации
Нелекуваната како и доцна откриената болест доведува до влошување на состојбата, а со тоа и до појава на нејзините компликации:
- Ерозивен езофагитис (како најчеста компликација).
- Крварење од храноводот.
- Стеснување на луменот на храноводот (при што храната отежнато се спушта кон желудникот).
- Карцином на храноводот (како најтешка компликација со висок ризик на смртност).
Дијагностицирање
Поставувањето на дијагноза кај оваа болест е лесно. Доколку постојат типичните симптоми на печење, жарење или подригнување, дијагнозата може да се постави клинички без употреба на некоја дијагностичка метода и веднаш се почнува со терапија. Во одредени случаи тоа не е можно па порди тоа ендоскопијата ја корситиме како главен дијагностички метод. Индикации за примена на ендоскопијата се: неуспешен медикаментозен третман, долготрајна терапија со лекови, каки појава на неспецифични симптоми.
Третман
Третманот на ГЕРБ има свои цели и тоа постигнување отсуство на рефлуксни епизоди со отсуство на симптоми, лекување на езофагитисот (воспалението на храноводот), спречување на повторна појава на симптомите на болеста, избегнување на компликациите. Терапијата што може да се примени е медикаментозна и хируршка. Од медикаментите при оваа болест се даваат:
- Антациди (Натриум, калциум, магнезиум, лекови кои ја неутрализираат излачената киселина во желудникот, тие се користат при ретки рефлусни симптоми, кај бремени жени и се без тераписки одговор).
- Мукопротективи и прокинетици (Сукралфат, простагландини, лекови кои ја заштитуваат лигавицата на желудникот и ја забрзвуваат пасажата на храната од храноводот во желудникот).
- H2-рецепторни антагонисти (Циметидин, ранитидин, фамотидин, лекови кои го намалуваат лачењето на киселина во желудникот. Тие се многу поефикасни од прокинетиците и антацитиде, а исто така доведуваат и до брзо лекување на ерозивниот езофагитис).
- Инхибитори на протонската пумпа (Омепразол, ланзопразол, пантопразол, лекови кои најефикасно го намалуваат лачењето на киселината во желудникот).
Според тоа имајќи ги во предвид ефикасноста и безбедноста, инхибиторите на протонската пумпа треба да се лек на избор во третманот на пациенти со ГЕРБ.
Хируршките и ендоскопските интервентни процедури се резервирани само за оние пациенти каде што медикаментозниот третман е без ефект и пациенти со голема кила на желудникот.
За да се избгенат сите непотребни состојби, секој индивидуално може своите животни навики да ги измени, а со тоа да доведе до подобрување на своето здравје како и постигнување на подобра општа состојба. Еве неколку примери како би го постигнале тоа:
- Избегнувајте големи ноќни оброци.
- Што помалку да се внесува кисела, пржена, масна храна, алкохол и кофеин.
- Да се легнува 3-4 часа по оброкот и при легнување главата да биде подигната од креветот.
- Намалете ја вашата телесна тежина и прекинете го пушењето.
- Избегнувајте лекови кои го потенцираат рефлуксот (аспирин, витамин Ц).
- Избегнувајте тесна облека во половината.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-