Многу често од луѓето со многу расипани заби слушаме дека тоа го наследиле од нивните родители или баби и дедовци,и дека истото не може да се спречи. Но, кој е ставот на современата стоматологија? Дали кариесот е генетски наследен?
Одговорот е НЕ
Објаснувања за ваквиот став има многу, а најголем дел од нив се темелат на докази од клиничката пракса, но и од краткорочни и долгорочни студии. Главни причини за појава на кариесот се микроорганизмите (бактерии), храната богата со шеќери (која ќе ги нахрани бактериите), но и лошата орална хигиена.
Просечно, во Македонија индексот на кариозни, екстрахирани и пломбирани заби кај деца до 12 години изнесува 7 (толку расипани или извадени заби во устата), што е навистина поразителен податок, ако се земе фактот дека ставот на СЗО по ова прашање за земји со степен на развој како нашата е дека овој индекс не треба да надминува 3.
Дека кариесот не е генетски наследен говори фактот што во Скандинавските земји пред 40-тина години КЕП индексот бил приближно колку Македонскиот. Но, по преземените агресивни превентивни мерки, денес во овие земји КЕП индексот се движи од 0-1. Тоа значи дека родителите пред 40 години имале многу расипани заби, а нивните деца денес немаат ниту еден расипан или изваден заб. Од тука може да се заклучи дека генетиката нема голема улога во настанувањето на кариесот.
Како да се справиме со овој проблем?
Она за што најмногу треба да се води грижа е правилната и редовна хигиена на устата, намалување на внесот на шеќери (или правилно распоредување на ваквите оброци), локална апликација на флуоридни препарати и редовна посета на стоматолог. Овие мерки, ако се применат уште од најрана возраст, со сигурност ќе дадат позитивен резултат во намалувањето на појавата на кариесот.
На што влијае генетската предиспозиција?
Генетската предиспозиција сепак има улога во однос на некои имунолошки и одбранбени карактеристики на индивидуата, како и во уживањето на некои навики (исхрана, хигиена, темперамент), но со примена на гореспоменатите мерки, ваквиот проблем многу лесно може да се надмине.Секако, постојат и исклучоци во однос на наследувањето на одредени болести и синдроми, во чиј склоп немивно порано или подоцна доаѓа до деструкција на тврдите забни супстанции и појава на големи кариозни лезии.
“Подобро е да се спречи, отколку да се лечи”
Старата поговорка сепак зазема главно место и во современите науки. Со кариесот тоа е навистина можно.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-