Кохлеарниот имплант може да им помогне на сите лица со двострано сензонеурално оштетување на слухот. Со оглед на тоа , дека не е возможно да се предвиди прецизно користа за секој негов корисник треба да се знае дека:
А) имплантацијата во најмала возраст ( во различни земји е различна) е приоритетна, затоа што слухот е најважен за развојот на јазикот, а и самите резултати од истражувањата покажуваат подобри резултати кај порано имплантираните деца.
Б) Постарите деца и возрасните со претходно развиен говор и јазик, генерално функционираат подобро со кохлеарен имплант
Ц) Долгиот период од апсолутниот губиток на слухот до имплантацијата може да ја ограничи користа од кохлеарниот имплант. За вградување на овој систем и за постигнување на максимална корист од истиот, треба да бидат исполнети следните услови:
– Двострано тешко сензорно оштетување на слухот,
– Функционалноста на слушниот нерв
– Нема корист и од најсовремените слушни апарати
– Предоперативен рехабилитациски третман ( 3-6 месеци )
– Добра реакција на слушниот нерв на електростимулација,
– Општа здравствена состојба
– Нормален интелектуален статус
– Подготвеност на родителите и нивните реални очекувања
– Соработка на семејството и околината во која лицето се реализира
Предоперативна процедура
– Да се процени медицинска подобност за имплантација ( отолошки преглед и извештај на ОРЛ специјалистот за индикации на кохлеарниот имплант )
– Да се направи аудиолошко испитување ( БЕРА, тонална аудиометрија, тимпанометрија )
– Да се направи процена на слушна и говорна перцепција
– Да се изврши процена на психомоторен развој
Хируршката интервенција ( вградување на имплантот) е само првиот чекор во помошта на лицата со тешко слушно оштетување . Операцијата содржи слични ризици кои се спроведуваат со останатите интервенции на органот за слух.
Постопертивна процедура
– Да се изврши иницијално подесување на кохлеарниот имплант
– Да се дадат инструкции за негова употреба
– Да се вклучи во рехабилитациски третман
После хируршката интервенција следува интензивен рехабилитациски третман преку кој со спроведување на слушни и говорни вежби, се овозможува постигнување на целосниот ефект од кохлеарниот имплант. Без нив лицето не ќе може да научи максимално да ја користи новонастаната состојба ( слушањето ) како и да научи да го користи говорот во процесот на комуникација со околината.
Процесот на рехабилитација кај децата и возрасните , знатно се разликува , како што се разликува и рехабилитацијата на кохлеарно имплантираните лица со прелингвално и перилингвално оштетување на слухот во однос на рехабилитација на лица со постлингвално оштетување на слухот.