Никнување на првите запчиња

0

Нема определен показател кој би покажал кога започнува никнувањето на запчињата кај бебето, колку долго ќе продолжи и колку болно ќе биде сето тоа за него. За едно бебе никнувањето на запче може да биде преку ноќ, без никаква болка, а за друго тоа може биде период на нервози и болки. Понекогаш може да се забележи прорез кај неникнатото запче во период од неколку недели, но кај некои бебиња може и одма да се види никнатото запче.

Процесот на никнување на забите често има и наследно влијание. Треба да се земе во предвид фактот дека ако на било кој од двајцата родители забите никнале порано или покасно, тоа треба да се очекува и кај нивното дете.

Најчесто првото запче никнува околу седмиот месец. Во некои случаи тоа може да биде после третиот месец или во дванаесеттиот месец.

Кое запче никнува прво и колку се вкупно?

Кај возрасните луѓе има вкупно 32 трајни заби, додека млечните запчиња се 20. До 2-3 годишна возраст повеќето од децата ги имаат сите 20 млечни заби. Тие заби се во функција одреден временски период, за веќе кон 6-7 годишна возраст на детето да паднат и на нивно место да изникнат трајните заби. Смената на млечните со трајни заби продолжува до 12-13 година. Не треба да се заборави дека се е строго индивидуално за секое дете.

Еве и пример за редоследот на никнење на млечните запчиња :

Возраст Заби
6-7 месец централни секачи
7-9 месец латерални секачи
10-14 месец први катници (молари)
15-18 месец очници (кучешки заби)
2-3 години втори катници (молари)

Кои се симптомите за никнување на забите?

Симптомите за никнување на забите се различни кај секое дете. Поради тоа, родителите и лекарите се на различно мислење за растењето но и болката при никнување на запчињата. Подолу се прикажани некои од симптомите, кои би можеле да се појават. Повеќето родители се согласни со овие симптоми, но сепак се препорачува во случај да се забележи и нешто друго веднаш да се направи консултација или со педијатар или со стоматолог.

  • Нервоза: Пред да се покаже запчето, венецот може да е доста тврд и чувствителен на болка, што допринесува детенцето да е многу нервозно. Болката и дискомфортот се посилни при никнувањето на првото запче и особено на првите млечни молари, поради нивниот размер. Обично после тоа детето веќе свикнува со процесот на никнување и со самите заби. Не се исклучува веројатноста деке детето може да е нервозно и при никнување на секое запче. Кај секое дете е различно.
  • Чешање: После третиот, четвртиот месец може да се забележи како малото детенце започнува да става се’ в уста и да ги чеша венците. Тоа е предизвикано од растењето на забите и кај некои бебиња може да е поболно отколку кај други.
  • Зголемена секреција на плунка: Може да предизвика закашлување кај детето. Тоа не би требало да ве загрижи особено, ако нема притоа никаков знак за настинка, повишена телесна температура или лошо расположение.
  • Разлигавеност: Ако детенцето ги чеша венците многу, може да предизвика повишена секреција на плунка и таа потекувајќи по брадичката да ја надразни кожата околу устата. За да не се дојде до таа компликација собирајте ги лигавиците со мека и чиста памучна крпа преку целиот ден. Се што му е на дофат, право в уста: Бебето на кое му никнат забчиња става в уста се што му е на дофат и гризејќи, се ослободува од притисокот врз венецот.

 

  • Чешање на образите и ушите: Може да биде предизвикано од болката. Најчесто овој симптом може да се забележи кога никнуваат моларите. Немојте да заборавате дека овој симптом може да е и показател на ушна инфекција.
  • Дијареа: Симптом кој укажува на различни состојби. Од проучувањето на една детска болница од Австралија како причина се наведува поголемото количество проголтната плунка, која влијае врз изметот. Но за да бидат родителите безгрижни сепак убаво е да се консултираат со педијатар. Висока температура: Високата температура е симптом кој што лекарите често го сврзуваат со никнувањето на забите. Ако температурата е многу висока и продолжува повеќе од два дена, веднаш информирајте го педијатарот.
  • Немирен сон: Болката може да се јави и преку ден, но и додека детето спие. Таа може да е причина за почесто будење на детето од вообичаеното. Според повеќето родители , детето се буди повеќе пати ноќно време особено при никнувањето на првите две запчиња и моларите. Симптоми на настинка: Можат да се забележат и катарални симптоми: течење на нос, кашлица и др., а како причина за тоа се наведува тоа што детето многу често ги става рацете в уста. Сепак, консултирајте го педијатарот во врска со овие симптоми.

Како да се намали болката?

Има неколку начини со кои би можеле да помогнеме да се намали болката. Повеќето родители сметаат дека можат да им помогнат на своите деца давајќи им соодветни играчки за чешање на венците. Тие се најразлични: прстени, клучеви, итн… Може да се проба и со мало пластично шишенце полно со ладна вода. Друг начин е на детенцето да се дадат парченца студен тврд плод. Ако ништо од тоа не помогне, консултирајте се со лекар. Процесот на никнување на забите кај детенцето ќе помине како и многу други работи кои се нови за бебето. Обидете се секогаш да пробате нови и различни нешта за да го смирите вашето дете.

Забелешка: Пред да пробате било што од горе наведеното секогаш прво консултирајте се со вашиот педијатар. Правете го секогаш она што тој ќе го каже зашто тој многу добро ги познава децата и знае што е најдоброто за вашето дете.

Д-р Фросина Дајо родена e на 23 септември 1985 година во Охрид. Основно образование завршува во ОУ “Григор Прличев“ Охрид, во 2000 година. Во 2004 година е матурант во УСО “Св; Климент Охридски“ Охрид,природно-математичка насока. Потоа, се запишува на Медицински Универзитет Пловдив , Факултет за Дентална Медицина – Пловдив , Р.Бугарија. Дипломира во јуни 2010 со просек 9,62. Во текот на студирањето побудува особен интерес кон мобилната и фиксната стоматологија и денталната патологија. Уште како студент има учествувано на повеќе интернационални семинари и конгреси на кои соодветно се стекнува со сертификати... Лиценциран дентален лекар е во три држави : Р.Бугарија , Р.Македонија и Р.Словенија. Д-р Дајо , моментално, професионалната кариера ја продолжува во Р. Словенија, ЈЗУ “Трбовље“ - Љубљана . Во слободното време работи како дентален лекар во приватна здравствена установа во Љубљанска регија. Ужива во интересна книга, живописни глетки, во друштво на пријатни, искрени, оптимистички настроени и креативни луѓе. Одлично говори англиски , албански, бугарски, српско-хрватски и словенски јазик. -Чест и задоволство ми е што сум прв соработник во вашиот тим од областа на стоматологијата. Горда сум што тимот на овој сајт успева да биде чувар на човечкото здравје. Ги разјаснува заблудите кај пациентите, а воедно презентирајќи им ги новите откритија во сите медицински гранки. САМО НАПРЕД!!!