Да се биде мајка значи да се биде и жртва во одредена смисла. За време на бременоста, идната мајка може да биде фокусирана и загрижена толку многу за своето бебе, што во одреден степен може да го занемари и сопственото здравје. Но, онаа мајка која се грижи за себе, се грижи и за здравјето на своето неродено бебе, што е особено вистинито кога станува збор за оралното здравје.
Особено е важно, и безбедно, да посетите стоматолог за време на Вашата бременост. Со оваа посета ќе се овозможи проценка на тековното орално здравје и можност да се направи план и советување за остатокот од бременоста.
Практичен совет: На сите идни мајки на кој им е потребна неодложна дентална интервенција со цел да се чувствуваат поудобно на стоматолошката столица, може да користат перница или пешкир ставен под десниот колк, настрана, со цел правилно позиционирање на бебето.
Одредени состојби кај мајката може да делуваат на нејзиното орално здравје
Честиот замор во бременоста кај идните мајки доведува до голема исцрпеност. Особено е изразена на крајот на денот пред спиење кога се акумулирани сите обврски од тековниот ден на мајката. Така, идната мајка поради големата потреба за одмор најчесто може да го прескокне ноќното четкање на забите.
Дополнително доколку во текот на спиењето е присутно и чкрипење со забите, постои огромна можност за создавање на дентален плак и размножување на бактерии со прогредирање во дентален кариес.
Хормоналните промени за време на бременоста може да го загрозат здравјето на непцата на мајката, при што истите може да бидат иритирани и да крварат поради воспаление. Нетретираниот гингивитис т.е воспаление на непцата, може да доведе до пародонтопатија – посериозна форма на заболување на непцата која вклучува губење на коската. Истражувањата упатуваат на поврзаност помеѓу предвременото породување и бебиња со помала родилна тежина наспроти гингивитис.
Утринската мачнина и повраќање може да предизвикаат големи проблеми во усната празнина. Желудочната киселина извлегувајќи од устата може да го ослабне емајлот на забот – предизвикувајќи можност за поголем ризик за развој на кариес. Поради тоа не ги четкајте забите најмалку 30 минути по повраќање или желудочен рефлукс. Така ќе му дадете време на емајлот да се опорави од киселината. Исплакнете ја устата со вода откако ќе повратите за да ја измиете киселината.
Зачестената исхрана за време на бременоста е вообичаено појава, но постојаното грицкање и џвакање ги доведува забите во постојан контакт со киселини од храната. Па така, доведува до зголемено производство на киселини од бактериите, како што е Streptococcus mutans, кои предизвукуваат ослабнување на емајлот на забите.
Како оралното здравје на мајката може да влијае на здравјето на бебето
Кога бремената жена има зголемен број на бактерии во устата, тие може да влезат во крвотокот преку непцата и да патуваат до матката – предизвикувајќи производство на т.н. простагландини – материи за кои се смета дека предизвикуваат предвремено породување.
Откако ќе се роди бебето, мајката потенцијално може да ги пренесе своите бактерии на новороденчето (наречено вертикално пренесување). Значи, мајка која има многу бактерии во устата, ќе пренесе поголем број од овие бактерии на новороденчето.
Четкањето на забите може да го намали ризикот од компликации во бременоста
Идните мајки кои темелно ги четкаат забите, можат да го намалат ризикот од компликации во бременоста. Четкајте со паста за заби со флуор и мека четка најмалку два пати на ден или по секој оброк кога е можно.
Квалитетната исхрана ја одржува усната празнина здрава, додека добро избалансираниот оброк треба да содржи калциум и ограничена количина на шеќери, со што ќе биде идеален за здравјето на мајката и на бебето. Исто така се препорачува често конзумирање на вода по оброкот.
Мајката треба да ја избегнува погрешната исхрана како на пример, бонбони, колачиња и друга леплива храна за забите. Честите контроли на стоматолог исто така ќе помогнат во контролата на плакот и спречување на гингивитис.
Запомнете дека идната мајка која ги четка забите, таа четка за двајца!