Хипоминерализација на молари и инцизиви – тивка епидемија кај децата

0

Хипоминерализација на молари и инцизиви (MIH) е состојба која се јавува кај 1 од 7 деца и од неодамна се смета дека има преминато во епидемиски размери во светот. Терминот моларна инцизивна хипоменерализација (MIH) е народно попознат како „кредасти заби“.

Ова заболување претставува посебен вид дефект на емајлот, предизвикан од системската хипоминерализација. Првично, шемата на појавување на болеста влијае на трајните молари околу 6-тата година – тоа се забите 16, 26, 36 и 46, а во некои случаи и трајните инцизиви.

Но сепак, постојат клинички докази за овој вид на заболување кај млечните и другите трајни заби во одредени случаи.

Како се манифестира болеста и кои се степени на MIH

Манифестацијата на болеста го ефектира емајлот на забите и нивната боја, па така тежината на заболувањето варира индивидуално. Забите може да покажат нетранспарентно жолто-бели или жолтеникаво-кафени зони, па дури и сериозно распаѓање на емајлот и дентинот. Забниот емајл кај заболените пациенти е многу порозен и склон кон фрактури. Хипоминерализираните заби често се особено чувствителни на студено. Состојбата често предизвикува значителна емоционална вознемиреност кај децата.

Колку е широко распространета MIH

Различни студии во светот покажуваат широка регионална варијација од 0,5 до 40,2 проценти во преваленцата на болеста. Според една германска студија за орално здравје откри преваленца од 28,7 % кај дванаесетгодишните деца. Додека во Р.С. Македонија сеуште нема официјална обработена статистика за застапеноста на MIH.

Етиологија на MIH

За жал, причината за МIH сè уште е непозната. Се сметаат дека одредени пренаталните, перинаталните и постнаталните фактори имаа особени влијанија врз развојот на болеста. Понатаму, условите во животната средина и различните болести кои се јавуваат во првите неколку години од животот на детето може да имаат влијание.

Кои се знаците и симптомите на MIH

Главните симптоми на МIH вклучуваат: фрактури на емајлот; преосетливост на топла и ладна храна и естетски проблеми во фронталната регија. Од особена важност е да се напомене дека многу од забите погодени од MIH покажуваат одреден степен на преосетливост, што може да доведе до сериозни тегоби (болка) на веќе фрактурирани заби.

Каков е третманот на MIH

Различни проблеми доминираат во третманот на MIH. Најпрво, тешко е да се процени степенот на уништување на хипоминерализираниот емајл. Понатаму тешко е да се утврди колку е веројатно забот да биде фрактуриран за краток период. Третманот се однесува на превенција, регенерација, итен и неодложен третман и долгорочно планирање. Ризикот од кариес кај пациентот исто така претставува важен аспект.

Специфичниот ризик за кариес кај пациентот ќе утврди дали може да се користат одредени начини на лекување или не. Како резултат, на тоа, пациентите се делат на две структурно идентични групи: една за пациенти со низок ризик од кариес и друга за пациенти со висок ризик за кариес.

Во третманот на MIH најважно е да се дијагностицира пациентот што е можно порано и да се обезбеди сеопфатна грижа со многу строг распоред на повлекување. Овие чекори ќе помогнат да се зголеми можноста за задоволително враќање на функцијата и естетиката на забите.

Најсоодветниот начин на терапија ќе зависи од ризикот за кариес кај пациентот. Профилактичката програма треба да вклучува: редовни советување за правилно одржување на орална хигиена и професионално чистење на забите; употреба на препарати што содржат флуор (топикална апликација на флуор); употреба на производи кој содржат казеин фосфопептиди и залевачи на фисури.

Доколку се потребни реставрации со цел да се поправи екстензивното оштетување на забите, достапни се неколку третмани, како на пример: реставрации со композитни смоли за мали до средни лезии; челични коронки како долгорочни решенија за санирање на сериозни дефекти и индиректни реставрации (лабораториски или фабрички CAD/CAM коронки ) изработени од композитна смола или керамика.

Оштетените заби трајно се санираат со забни коронки откако пациентот ќе достигне рана зрела возраст. Во случаи кога фрактурањето на структурата на забот напредува многу брзо, се препорачува екстракција на забите. Сепак, ова би бил последниот начин на терапија на ваквите заби.

Децата со MIH често развиваат негативен став кон стоматолошките третмани како резултат на инвазивните процедури и претрпената болка во раната детска возраст Поради тоа, родителите треба да посветат особено внимание на забите во периодот на никнување кај своите деца, се со цел да, доколку дојде до појава на ова заболување, истите веднаш да се дијагностицираат и итно да се третираат.

Д-р Бојан Ангеловски е роден во Скопје на 27.11.1988 година. Основно образование има завршено во ОУ Васил Главинов во Скопје, а матурира со одличен успех во 2007 година во средното медицинско училиште “Д-р Панче Караѓозов” - Скопје на отсекот забни техничари. Истата година се запишува на Факултетот по Стоматологија “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а дипломира во јуни 2012 година со просек од 9.3. Од својата прва година на факултет, па до завршување на студиите е добитник на државна стипендија за талентирани студенти од Министерството за образование и наука. За време на студентските денови учествува на меѓународни конгреси со теми од областа на стоматологијата. Моментално е лиценциран доктор по стоматологија и член на Стоматолошката комора на Р.С.Македонија. Во 2019 година се запишува на специјалистички студии по детска и превентивна стоматологија на Стоматолошкиот факултет во Скопје каде успешно ја обавува својата специјализација и пракса. Посетува бројни лиценцирани курсеви и обуки како во областа на стоматологијата, така и во делот за личен развој, во државата и странство. Одлично говори англиски, германски јазик и српско-хрватски. Во слободното време ужива во пријатно дружење со пријателите и семејството, возење велосипед, книга, планинарење итн. Со своите совети во областа на детската и превентивна стоматолгоија ќе допринесе читателите на овој сајт да се ги разрешат сите дилеми кои ги имаат во врска со оралното здравје на своите најмили.