Терапија на коренски канали кај деца

0

Ендодонтскиот третман кај децата сигнификантно се разликува од оној кај возрасните. Ова доаѓа од фактот што детските заби имаат поинаква морфологија од оние кај возрасните па речиси невозможно е да се постапи подеднакво.

 

Кај млечните заби, исто така, важат различни правила во ендодонтскиот третман во зависност од бројот на корени што ги има детското запче. Доколку се отстранува само кровот на пулпата, односно пулпалното ткиво во горниот дел на забот, тогаш таа постапка се нарекува пулпотомија или парцијална пулпектомија. Ако пак го отстраниме целото пулпално ткиво, се до врвот на коренскиот канал, тогаш велиме дека сме направиле целосна пулпектомија.

Кога е потребен ендодонтски третман?

Постојат неколку случаи кога е индициран овој третман и тоа:

  • кај сите заболувања на пулпалното ткиво, односно кај пулпитите (серозен, гноен пулпит);
  • гангрена;
  • некроза;
  • периодонтит;
  • многу често кај трауми на забите.

Во детската возраст следствено на возрасната група чести се траумите на забите било да се од удар со предмет или паѓање. При ваков инцидент многу често забите се избиени надвор од алвеолата па тогаш задолжително прибегнуваме кон ендодонтски третман на забот. Како ќе се одвива третманот и каков вид на материјали ќе се користат зависи од докторот стоматолог кој го води пациентот, но секогаш држејќи се до правилата и принципите на детската стоматологија.

Пулпотомија – најчесто користен метод кај децата

Најчесто кај децата користиме метод на пулпотомија и еве ги оправдувањата зошто е тоа така:

  • коренскиот канал кај децата може да биде сосем различен од она што ние го очекуваме, односно речиси секогаш немаме предвидливи резултати
  • секогаш немаме доволно простор за да го отстраниме ткивото од коренскиот канал и потоа соодветно да го наполниме;
  • корените на млечните заби почнуваат да се ресорбираат веднаш штом почне ерупцијата на трајните заби;
  • детските заби имаат одредени специфичности како на пример: акцесорни канали, невидливи васкуларни отвори, огромни варијации во бројот на каналите.

Млечните заби се важни

Многу често се соочуваме со проблемот да се објасне на родителите дека и млечните заби се доста важни бидејќи нивната прерана загуба подоцна ќе донесе огромен број неправилности кои мораат ортодонтски да бидат санирани. Во секој случај наша обврска и должност е да се грижиме подеднакво за сите пациенти па така и на најмладите да им обезбедиме убаво и здраво забало. Но, најновите истражувања не охрабруваат дека и пулпектомијата не е невозможна кај децата, а својот став научниците го базираат на тоа дека не е потребно да се стравува дали може да се отстрани распаднатото ткиво и да се обработат каналите (во овој случај тоа не мора да биде идеално како кај трајните заби бидејќи овие корени за брзо време ќе се ресорбираат). Научниците потоа препорачуваат поставување на некоја помека паста, како на пример Цинкоксид Еугенол пастата, која нема докажани штетни ефекти. По ова полнење задолжителна е опсервација на забот секој месец и доколку се јави било каква реакција обавезно е да се отстрани полнењето.

Каков начин на третман ќе одбереме зависи од нашата стручна подготвеност, материјалите што ги имаме и се разбира најважното -соработливоста на детето.

д-р Елена Радеска е родена на 02.04.1986год. во Демир Хисар. Средно образование завршила во гимназијата Јосип Броз Тито во Битола. Веднаш по средното образование се запишала на Стоматолошки факултет во Скопје, отсек општа стоматологија. Дипломирала во 2009 година. По дипломирањето до денес работи во специјалистичката ординација по ортодонција “Д-р Радевски” во Демир Хисар како општ стоматолог. Професионален интерес: Општа стоматологија,стручен соработник во компании кои се занимаваат со истражувачко-производствена дејност од областа на медицината и стоматологијата,интерес и познавање на ортодонцијата и детската стоматологија. Социјално организациски способности: Организација на состаноци, Искуство со работа со рокови и следње на точно определена процедура, развиени способности за работа во тим здобиени со предходните работни искуства и посета на семинари од област на комуникација и меѓучовечки односи. Говори англиски, италијански и јужнословенската група на јазици. Во слободно време се занимава со проза и поезија, уметност, филм и спорт. Доктори.мк е место каде сите познавачи на медицината, стоматологијата и фармацијата можат да ги изнесат своите знаења, ставови, а воедно и да научат нови и суштински моменти од овие области. Особено ми се допаѓа што оваа страница нуди подеднакви можности на сите оние кои сакаат да ја изразат својата спремност и искуство. Драго ми е што учествувам во стручниот тим на Доктори.мк.