Суперлуѓе

0

 

Секој од нас слушнал за Супермен, Бетмен, X-mеn итн. Сите тие се познати по своите способности т.е. супермоќи поради кои се издвојуваат од останатите обични луѓе. Но, дали такви луѓе навистина постојат? Дали постојат луѓе кои поседуваат моќи и одредени способности кои се несвојствени за обичниот човек? Место одговор, запознајте мал дел од групата Суперлуѓе (Supehumans):

1. Човек – спроводник на струја

Raj Mohan Nair, од Колам, Индија. Овој суперчовек има способност да спроведува струја низ неговото тело. Јачината на струјата која тој ја спроведува е 10 пати посилна од онаа јачина која би убила обичен човек. До сознанието дека има таква моќ тој дошол сосема случајно кога поради тешкиот живот паднал во депресија и сакал да се самоубие. Знаејќи дека струјата предизвикува застој на срцевата работа тој се фатил за гол кабел и воопшто не почувствувал никаква тегоба, освен заматување на видот. Од тогаш станува познат, има учествувано во повеќе документарни емисии.

Испитувана е отпорноста на неговата кожа и онаа на обичниот човек и е утврдено дека отпорот на кожата на Raj е 10 пати поголем од оној на обичниот човек.

Научниците се уште немаат медицинско објаснување за овој феномен.

Препорака: НЕ ПРОБУВАЈТЕ ГО ОВА ДОМА!

2. Човек – калкулатор

Scott Flansburg, од Сан Диего, Калифорнија. На своја 9 годишна возраст приметил дека може на памет, без употреба на калкулатор, да ги пресмета задачите кои им ги задавала наставничката по математика, а притоа да не ја ни запише задачата. Тој може да множи, дели, собира, одзема, вади корен, решава алгоритми и сл. со помош на својот талент. Испитувано е и утврдено дека тој е побрз во давање на точниот резултат дури и од самиот дигитрон. Во што е неговата тајна?

На магнетна резонанца е снимана мозочната активност за време на сметањето. Во споредба со обичниот човек кај него се очекуваше 44-тото Brodman-ово поле (одговорно за сметање и математички проблеми да е многу поразвиено). Но, на големо изненадување се утврди дека кај него е многу поактивна регијата над 44-тото Brodman-ово поле, односно регија во париеталниот лобус одговорна за лесно снаоѓање, комплексни моторни движења и логика.

Неговиот татко имал продавница па Scott бил од голема помош. Во 2001 год. е запишан во Гинисовата книга на рекорди како најбрз човечки калкулатор.

3. Човек – лилјак

Juan Ruiz, од Лос Анџелес, Калифорнија. Juan од своето раѓање е целосно слеп на двете очи. Овој суперчовек пронашол начин како да се движи во просторот без никаков проблем и да ги препознае околните објекти – кола, зграда, телефонска говорница и сл. И не застанал тука – тој исто така вози велосипед и нема проблем да го вози и на улица, да поминува меѓу две паркирани коли, да заобиколува предмети на патот итн.

Неговата моќ се состои во способноста да со помош на јазикот произведува звуци кои се одбиваат од околните предмети, а тој тие повратни звуци ги восприма и чувствува исто како лилјаците и делфините. Тоа се нарекува eхолокација. Тој всушност “гледа” со своите уши.

4. Најсилниот човек на светот

Dennis Rogers, од Хјустон, Тексас. Денис е најсилниот човек на светот. Може без проблем да свитка чекан, потковица, тавче итн. Способноста ја открил кога се обидел да скине шпил од карти и во тоа успеал, па сега е познат по својата сила, има сопствена web-страна, а има и учествувано во многу емисии.

Од научен аспект, не е логично човек кој има 90 кг да има толкава сила со оглед на тоа дека силата е маса помножена со забрзување (F=m x a – оваа формула ни е на сите добро позната). Измерено е забрзувањето на неговите мускули и утврдено е дека тоа е многу поголемо од она кај обичниот човек. Неговите мускули се контрахираат со многу големо забрзување во почести и пократки временски интервали.

Ова е само мал дел од групата – Суперлуѓе. Ги има многу и секој е посебен и единствен на свој начин.

Потрагата по ликови од стриповите продолжува… 🙂

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Ирена Беде Спалевиќ е родена на 06.10.1982 год. во Охрид. Завршува Медицински факултет во Скопје. Покраj медицината интерес има за спортски активности како пливање, аеробик и пилатес. Смета дека редовната физичка активност и здравата исхрана се во најголем процент одговорни за одржување како на физичкото така и на менталното здравје. мото Во здраво тело, здрав дух. Never say never Доктори.мк е супер веб страна на која може да се најдат многу интересни и поучни информации. Ова е добар начин да се информираат луѓето за најчестите проблеми во врска со здравјето, а воедно и да дознаат некои интересни факти и феномени во медицината. :)