Колоректален карцином е болест која се одликува со неконтролиран раст на абнормални клетки од колонот и ректумот. Тие клетки поседуваат способност за континуирана и забрзана репродукција, што резултира со инвазија на нормалните околни ткивни структури или расејување во оддалечените органи преку крвта или лимфата (метастази). Болеста во почетокот се презентира во вид на полипи, кои се во почетокот најчесто со бениген карактер, но треба да се препознаат оние кои имаат преканцерозен потенцијал. Тоа се најчесто полипи од жлездено потекло.
Ако колоректалниот карцином се препознае и третира во рана фаза, додека туморот е во самото црево, тогаш излекувањето е со висок процент, а преживувањето до 5 години е 90%. Но, ако карциномот го пробие цревото и даде расејување во околните лимфни јазли, ситуацијата се комплицира, а 5-годишното преживување варира од 65% до 9%. Ризикот за настанување на овој карцином сигнификантно расте после 50 година од животот и се зголемува во наредните години. Глобално, ако ги земеме предвид сите стадиум на карциномот, 5-годишното преживување е 61%.
Причина за настанување (етиологија)
Точната причина за настанување на овој карцином не е позната, но постои поврзаност со некои заболувања.
- Други болести: Како ризик фактор за настанување на ова заболување е кога постои претходно дијагностициран полип или фамилијарна анамнеза за полип на дебелото црево, карцином на панкреас, дојка, јајник или матка, воспалителни болести на дебелото црево (улцерозен колит, Кронова болест).
- Наследност: Откриено е дека колоректалниот карцином има генетска предиспозиција. Се поврзува со луѓе кои имаат наследено одредени болести, како фамилијарна аденоматозна полипоза или Гарднеров синдром, синдроми во кои полипите се јавуваат во било кое време од животот и доведуваат до појавување на карциномот.
- Диета: Се смета како можен причинител, но причинско-последичната врска не е сигурно докажана. Секоја диета со овошје и зеленчук спречува настанување на овој карцином. Употребата на црвено месо богато со масти и протеини е со висок ризик за настанување на овој карцином. Исто така, при обработката на високи температури, месото, мастите и протеините испуштаат штетни супстанции кои се одговорни за настанување на овој карцином.
- Хемикалии: Изложувањето на одредени хемикалии, како што е хлорот (кој начесто се поврзува со прочистувањето на водата за пиење) и изложувањето на азбест кој доведува до појава на полипи.
Симптоми
Во раната фаза колоректалниот карцином нема карактеристични симптоми. Знаци за предупредување се:
- Промени во празнењето на цревото, запек и пролив, чувство на непотполно празнење, крварење од ректумот;
- Трагови од крв на или во столицата, промена на калибар на столицата;
- Болки во стомакот;
- Малаксаност, губиток на апетит и пад на телесна тежина.
Дијагноза на колоректалниот карцином
Дијагнозата се состои од медицински постапки кои овозможуваат сигурно откривање и утврдување на колоректалниот карцином, како што се:
- Дигито-ректален преглед;
- Иригографија – во цревото преку ректален катетер се внесува контраст (бариум) и потоа следи рентгенско снимање;
- Флексибилна сигмоидоскопија – која е ендоскопска метода;
- Колоноскопија – која всушност е златен стандард;
- Компјутерска томографија;
- Ендоректален ултразвук – метода со внесување на сонда низ анусот;
- Останати дијагностички постапки: тумор маркери, ултразвук, молекуларни биомаркери, нуклеарна магнетна резонанца, фекален окулт тест – испитување на фецес.
Терапија на колоректален карцином
Терапијата најчесто се одредува зависно од стадиумот на туморот. Примарно, во раните стадиуми таа е хируршка. Најдобро е после оперативниот зафат да се одреди каков тип на терапија ќе продолжи. Доколку карциномот е во напреднат стадиум треба да се продолжи со понатамошна хемотерапија и радиотерапија. Доколку карциномот има метастази се комбинира најчесто радиотерапија со хемотерапија или хемотерапија со модерни медикаменти.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-