Исхрана при карцином на дојка, особено по оперативен зафат

0

Терапевтската диета во текот на антитуморскиот третман на пациентот е неопходна за да се поправи општата состојба, да се одржи телесната маса, да се олесни примањето на антитуморскиот протокол (хируршко лекување, терапија со зрачење, хемотерапија) како и да се олесни канцерската кахексија (состојба која се карактеризира со појава на општа слабост на организмот, губење на телесната и мускулната маса, малнутриција,г убење на апетит и.т.н.).

Исхраната треба да биде енергетски и биолошки избалансирана и лесно сварлива.Треба да се практикуваат почести оброци во текот на денот во помали количини.

Диетотерапевтската исхрана треба да биде особено богата со свеж зеленчук и овошје бидејќи големиот број витамини, минерали, антиоксиданси и други биолошко активни компоненти што ги содржат овошјето и зеленчукот се природни антиканцерогени супстанци кои немаат доследна замена од ниеден синтетизиран суплемент.

Исто така, внесот на домашно приготвени зеленчукови супи со природни зачини (особено корисен зачин е куркумата) не треба да е помалку од трипати неделно. Во исхраната треба да бидат застапени намирници со биолошко вредни протеини и есенцијални масни киселини (органски јајца, свежа козја сурутка, јајца од јапонска препелица, ладно цедено маслиново масло,л енено масло, масло од семки од грозје, риба, особено свеж лосос, скуша, сардини..)

Бидејќи како нус појава при хемотерапија може да се јави опстипација, пожелно е да се внесува храна богата со растителни влакна (целозрнести житарки, мешункасти растенија, некои видови семиња, свеж зеленчук и овошје…) како и храна богата со пробиотски култури за балансирање на цревната флора и одржување на имуниот систем (кефир, комбуха, кисела зелка, кисело млеко, рејувелак…. како и пробиотски суплементи).

Многу важно да се напомене е да се внесува доволно количество квалитетна вода, бидејќи хидратацијата е најдобар начин да се неутрализираат штетните ефекти.

Нашиот организам е благо алкален и таква рН вредност е оптимална за одржување на здравјето. Тоа што би сакала исто така да препорачам е да се избегнува конзумирање на храна која предизвикува кисела реакција во организмот (шеќер, производи од рафинирано брашно, лиснато тесто, пржена и масна храна, конзервирани производи, хидрогенизирани масти (маргарин,путер), рафинирани масла, храна богата со адитиви и вештачки засладувачи, месо и месни преработки, масни зрели и тврди сирења, кајмак, кондензирано млеко, овошни сокови со конзерванси и вештачки засладувачи, газирани и алкохолни пијалоци и.т.н).

За крај, би сакала да ви препорачам дека покрај терапевтската исхрана од особена важност е да имате умерена физичка активност и прошетки на чист воздух, бидејќи многу научни студии покажаа дека умерената физичка активност за време на хемотерапии може да го зголеми нивото на енергија, да го стимулира апетитот и да ја поправи општата состојба на организмот.