Променливо расположение

0

Оваа тема многу често неправедно ја маргинализираме или избегнуваме. Дознајте зошто е важно да се зборува за променливото расположение, односно на перзистентните растројства на расположението како што се  циклотимијата и дистимијата.

Cyclothymia (циклотимија)

Етиологија (причина за настанување)

Обично е наследна. Симптомите не се предизвикани од психолошки или соматски нарушувања, туку од клинички значаен стрес или неспособност за социјално функционирање.

Клиничка слика

Представува нестабилност на расположението, која трае подолг временски период и се состои од бројни периоди на блага депресија и блага хипоманија. Вообичаено се развива во 30-те години и може да прогредира во хронично растројство, иако периодите на “нормално” расположение може да траат и со месеци. Наликува на биполарното растројство, со разлика што симптомите не се толку изразени во овој случај (манични, депресивни и мешани манично-депресивни епизоди). Промените во расположението не се поврзани со надворешните (на животот) настани. Cyclothymia-та може да се развие во биполарно растројство каде што интензитетот на променетото расположение е многу поинтензивен.

Циклотимичното растројство е хронична флуктуација во расположението и тоа трае подолго од две години (една година кај деца и адолесценти) и вклучува голем број на депресивни симптоми и хипоманични епизоди.

Дијагнoстицирање

Дијагнозата е тешко да се постави без долготрајно набљудување. Бидејки осцилациите на расположението обично не одат во крајности, луѓето со cyclothymia речиси никогаш не посетуваат лекар.

Третман

Ниски дози невролептици (антипсихотични лекови) ги елиминираат симптомите и ја воведуваат личноста во euthymia, односно состојба без силни осцилации на расположението.

Dysthymia (дистимија)

Клиничка слика

Dysthymia буквално значи “лошо расположение” и добро ги објаснува субјективните и објективните симптоми на растројството. Главниот симптом на депресивно расположение се карактеризира со чувство на тага, непријатност, нерасположение и губење на интерес за вообичаените активности, тешкотии во процесот на донесување одлуки и чувство на безнадежност. Лицето кое страда од dysthymia има изразена неспособност да чувствува задоволство за настани или стимулуси кои претходно му причинувале задоволство. Во животот им недостасува радост, боја, возбуда и задоволство. Луѓето со dysthymia обично се нервозни, самокритични, преокупирани со настаните од минатото, разочарувањата или личните неуспеси. Во понатамошниот период се повлекуваат од општествениот живот и изолираат во свој свет. Ова веројатно се должи на нивната неспособност да уживаат ,односно не им причинуваат задоволство социалните контакти.

Пациентите со dysthymia се нихилистички расположени, со бројни барања и жалби. Тие може да се многу крути, беспомошни, со изгубена надеж, песимисти. Може да постои и промена во вегетативните функции, промени во режимот на спиење, губење на апетит и енергија. Незадоволството со својот живот често се обидуваат да го елиминираат со алкохол или дрога.

Текот на болеста може да биде најразличен. Примарната форма, со ран почеток често е долготрајна- хронична. Може да се развие и во вистинско депресивно растројство, подоцна да се појават епизоди на hypomania, или да се развивие во биполарно растројство. Најголем ризик од ова нарушување е обид за самоубиство (suicid). Депресивното расположение е присутнo поголем дел од денот или повеќе денови, што може да се види или како субјективно доживување или да е забележано од страна на другите личности, во период од најмалку 2 години.

Додека депресивното растројство се карактеризира со епизодичен тек, дистимијата е повеќе хронична,  долготрајна. При ран почеток на ова растројство пациентите често ги прифакаат нивните симптоми како начин на живот, а на психијатар се јавуваат кога стануваат нефункционални за семејството и работата.

Третман

Во повеќето случаи третманот се врши амбулантски. На прво место како терапија се даваат антидепресиви во комбинација со психотерапија.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-