Што е ноќна апнеа и како влијае на оралното здравје кај децата

0

Обструктивна слип (ноќна) апнеа – ОСА е нарушување на дишењето кое се карактеризира со продолжена опструкција на горниот дел на дишните патишта при што се нарушува нормалното дишење за време на спиењето. ОСА е една од најчестите форми на нарушувања на спиењето, и е застапена кај околу 90 милиони луѓе во Европа.

Освен кај возрасни, OСА може да се појави и во детската возраст. Се смета дека 4% од децата имаат состојба на обструктивна слип апнеа, и истата е најзастапена кај деца од две до седум години.

Етиологијата на ОСА

Раната дијагностика и третман на ОСА ја подобруваат прогнозата и напредокот на ова нарушување. Опструктивната слип апнеа се јавува кога мускулите во задниот дел на грлото се релаксираат, и со тоа вршат стеснување на дишните патишта при вдишување, кое пак, предизвикува намалување на нивото на кислород во крвта. Оваа намалена концентрација на кислород ја чувствува мозокот, и истата предизвикува будење на детето.

Ова нарушување во дишењето може да се појави повеќе пати во текот на еден час, за време на целата ноќ. Овие циклуси на постојано будење го прекинуваат длабокиот и мирен сон.

Од оваа причина децата со нелекувана ОСА може да бидат несоодветно дијагностицирани како синдром на ADHD, т.е синдром на недостаток на внимание со или без хиперактивност.

Интересено е да се напомене дека ОСА се разликува од централната слип (ноќна) апнеа – ЦСА по тоа што кај неа мозокот не успева да пренесе сигнали до мускулите одговорни за дишењето.

Симптомите на ОСА се следни:

  • прекумерна поспаност преку ден;
  • гласно `рчење три или повеќе ноќи неделно;
  • епизоди на престанок на дишење, кое го препознава друга личност;
  • нагло будење придружено со недостаток од здив;
  • будење со сува уста или воспалено грло;
  • утринска главоболка;
  • проблеми со вниманието;
  • дишење преку уста;
  • потење и немир;
  • често будење.

Знаци на нетретирана слип апнеа кај деца на училишна возраст може да бидат мокрење во кревет, лоши резултати на училиште, агресивно однесување и одложување на развојот. Случаи на нетретирана ОСА може да предизвикаат оштетување на мозокот, трески, кома и срцеви компликации, како и нарушен раст.

Лицата со одредени анатомски и краниофацијални аномалии, невромускулни заболувања, како и лицата со Даунов синдром имаат зголемен ризик за развој на опструктивна слип апнеа. Анатомските аномалии може да вклучуваат хипертрофични крајници, задебелување на респираторното ткиво (на пр. болести како што се полисахаридоза, ахондроплазија) и обезност (дебелина).

Во високо ризичната групна на ОСА спаѓаат и лицата со невромускулни нарушувања кои се асоцирани со хипотонија на мускулите, како и доенчиња со гастроезофагеална рефлуксна поради едем на горните дишните патишта.

Дијагноза на ОСА

Детските стоматолози играат важна улога при идентификација на децата со зголемен ризик од слип апнеа. Хипертрофијата на крајниците и обезноста се главни ризик фактори за ОСА. Преку добра анамнеза и внимателно клиничко испитување при секоја стоматолошка посета, детските стоматолози можат да ги идентификуваат знаците и симптомите кои можат да предизвикаат ОСА.

Тоа може да го направат преку проценка на тонзиларната хипертрофија и опструкција на дишните патишта со помош на класификација на јазикот според Фридерман, при спроведување на рутински интраорален преглед.

Особено важни се и одредени прашања кои треба да се постават на родителите при земање на анамнестички податоци, кои можат дополнително да помогнат во идентификувањето на децата со ризик од ОСА:

  • Дали Вашето дете `рчи кога спие?
  • Дали Вашето дете има проблеми со дишењето додека спие?
  • Дали Вашето дете престанува да дише додека спие?
  • Дали Вашето дете повремено мокри во кревет ноќе?
  • Дали Вашето дете тешко го будите наутро?
  • Дали Вашето дете се жали на утрински главоболки?
  • Дали Вашето дете дише преку уста во текот на денот?
  • Дали Вие ​​или наставникот на Вашето дете, сте забележале дека детето е поспано во текот на денот или во училиште?
  • Дали вашето дете брзо заспива?

Доколку детето е сомнително дека има одреден ризик за ОСА, треба да се упати до соодветните специјалистички лекари, оториноларинголог и пулмолог. Потоа, да се направи клинички преглед, како и полисомнографија при што ќе се потврди или елиминира сомнежот и ќе се постави дефинитивна дијагноза. Американската педијатриска асоцијација препорачува полисомнографијата да биде изведена кај деца/адолесценти со симптоми на `рчење и симптоми на ОСА.

Влијанието на ОСА врз оралното здравје кај децата

Добриот и квалитетен сон придонесува за квалитетот на нашето здравје, но воедно учествува и во превенцијата за намалување на лошиот здив, улкусите во устата, развој и прогресија на пародонталните заболувања, нарушувања на темпоромандибуларниот зглоб, бруксизам и дишење преку уста.

Темпоромандибуларен зглоб

Нарушувањата на темпоромандибуларниот зглоб (ТМЗ) и слип апнеата одат рака под рака. Некои од симптомите за нарушувања на ТМЗ се следни:

  • Болка во вилицата, вратот и рамената
  • Проблеми и потешкотии при џвакање
  • Виличните зглобови прават звуци на тропање при џвакање и отварање на устата
  • Неможност за отворање или затворање на устата во одреден временски период

Бруксизам

Бруксизам или шкрипење на забите може да се случи во било кое време, но најчесто се случува при спиење. Бруксизмот има негативни последици врз сонот, вклучително и ненадејно будење, како и главоболки, болки во вратот и вилицата. Бруксизмот се смета за нарушување поврзано со спиењето затоа што предизвикува неконтролирано и неволно движење на вилицата за време на спиењето. Знаците за бруксизам исто така може да бидат откриени од страна на детскиот стоматолог во вид на абрадирани површини на забите, испукани или скршени заби.

Дишење преку уста

Слип апнеата предизвикува детето да дише преку уста. Ваквиот начин на дишење резултира со сува уста и доведува до расипување на забите. Дополнителни последици од сувата уста се формирање на дентален плак, ранички на усните, гингивитис (воспаление на непцата) и пародонтопатија.

Според одредени истражувања, пародонтопатијата е застапена кај 62,3% од децата кои имале слип апнеа, додека пак гингивитисот бил застапен кај 34,1% од децата. Исто така било констатирано дека децата со слип апнеа имале три пати повеќе кариес и крварење на непцата.

Терапија на ОСА

Терапијата на ОСА може да биде хируршка или нехируршка, во зависност од сериозноста и етиологијата. Нехируршката терапија опфаќа третман на назални алергии, користење на апарат со постојан позитивен притисок на дишните патишта (CPAP апарати), намалување на телесната тежина и промена на спиењето.

Постојат три видови на орални апарати кои најчесто се користат при терапија на дишење на уста: апаратчиња за влечење на долната вилица, апаратчиња за ретинирање на јазикот и апарати за подигнување на непцето. Најчестата хируршка терапија за третман на ОСА е тонзилектомија.

Д-р Бојан Ангеловски е роден во Скопје на 27.11.1988 година. Основно образование има завршено во ОУ Васил Главинов во Скопје, а матурира со одличен успех во 2007 година во средното медицинско училиште “Д-р Панче Караѓозов” - Скопје на отсекот забни техничари. Истата година се запишува на Факултетот по Стоматологија “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а дипломира во јуни 2012 година со просек од 9.3. Од својата прва година на факултет, па до завршување на студиите е добитник на државна стипендија за талентирани студенти од Министерството за образование и наука. За време на студентските денови учествува на меѓународни конгреси со теми од областа на стоматологијата. Моментално е лиценциран доктор по стоматологија и член на Стоматолошката комора на Р.С.Македонија. Во 2019 година се запишува на специјалистички студии по детска и превентивна стоматологија на Стоматолошкиот факултет во Скопје каде успешно ја обавува својата специјализација и пракса. Посетува бројни лиценцирани курсеви и обуки како во областа на стоматологијата, така и во делот за личен развој, во државата и странство. Одлично говори англиски, германски јазик и српско-хрватски. Во слободното време ужива во пријатно дружење со пријателите и семејството, возење велосипед, книга, планинарење итн. Со своите совети во областа на детската и превентивна стоматолгоија ќе допринесе читателите на овој сајт да се ги разрешат сите дилеми кои ги имаат во врска со оралното здравје на своите најмили.