Како настанува мозочен удар?

Мозочен удар

Што е мозочен удар и какви типови на мозочен удар постојат?

Мозочен удар е клинички синдром кој се карактеризира со акутен губиток на мозочната фунција кој трае подого од 24 часови или пак доведува до смрт. Настанува поради прекин на протокот на крвта во одреден дел од мозокот. Прекинот може да биде како последица на спонтано крварење во мозочниот паренхим (интрацеребрална хеморагија) или во просторот кој го опкружува мозокот (субарахноидална хеморагија), или пак како резултат на неадекватно снабдување на дел од мозочното ткиво со крв.

Мозочниот удар се презентира со нагло губење на функцијата на одреден дел на телото или пак на говорот, или губиток на свеста како резултат на прекин на крвонабдувањето.

Исхемичен мозочен удар

Тоj е најчесто предизвикан од блокада во крвните садови (артериите) кои го снабдуваат мозокот со крв. Блокадата го спречува протокот на крв во одреден дел на мозокот кој го снабдува соодветната артерија и настанува оштетување на тој дел од мозочното ткиво.

Мозокот има потреба од константно снабдување со кислород и гликоза (крвен шеќер) за негово правилно функционирање, а потребните количини на истите ги добива преку крвта. Ако ваквото нарушување на крвниот проток не се корегира во првите неколку часа мозочното ткиво изумра и перманентно ја губи функцијата. Тоа се нарекува исхемичен мозочен удар. Најчеста причина за стеснување на лумените на артериите во мозокот е задебелување на нивните ѕидови (атеросклероза) кое се јавува кај сите во помал или поголем степен при процесот на стареење. Како што атеросклерозата ги зафаќа артериите на мозокот исто така ги оштетува и артериите на срцето. Затоа, не не изненадува фактот дека луѓето кои имале срцев удар, имаат доста поголем ризик за мозочен удар и обратно.

Поретко мозочниот удар може да настане како резултат на згрутчување на крвта(емболија) кое настанало во срцето и кое преку крвните садови се пренесува до мозокот. Срцевите болести кои можат да предизвикаат настанување на емболуси се: предходно прележани срцеви инфаркти болести на срцевите валвули и нарушувања на срцевиот ритам.

Што ја предизвикува артериосклерозата?

Артериосклерозата се јавува кај сите нас, но процесот е забрзан при изложеност на ризик фактори како што се висок крвен притисок, висок холестерол во крвта, пушење цигари, шеќерна болест. Дополнителни индиректни фактори се дебелина и физичка неактивност.

Хеморагичен мозочен удар

Кај помал број на пациентите може да дојде до пукање ѕидот на крвниот сад и изливање на крв во мозочното ткиво. Тоа се нарекува хеморагичен мозочен удар, додека крвта во мозочното ткиво се нарекува интрацеребрална хеморагија. Бидејки крвта протекува под висок притисок од руптурираната артерија, настанува оштетување на мозочното ткиво и се формира маса на крв (наречена хематом) која врши притисок врз нормалното околното ткиво и спречувајки го дотокот на крв доведува до изумирање во истото.

 

Најчеста причина за интрацеребрална хеморагија е високиот крвен притисок кој ги оштетува малите артерии на мозокот и доведува до нивно пукање. Други причини се постоење на малформации на крвните садови (артериовенски малформации), дегенеративни промени на крвните садови (амилоидна ангиопатија) или пак нарушувања на згрутчувањето на крвта (хемофилија, антикоагулантна терапија). Најчеста причина пак за субарахноидална хеморагија е руптура на аневрзма.

*други статии од темата мозочен удар – прашања и одговори која ја обработуваме во соработка со д-р Божиновска Смическа: