Антибиотик – „универзален“ лек на современото живеење

0

Несомнен е напредокот што современета медицина го бележи во изминатиов 20-ти век и почетокот на 21- виот. Но, она што навистина е значајно, ако не и најзначајно, е откривањето и секојдневната примена на т.н. „чудотворен лек“ – антибиотикот. Со пронаоѓање на овој лек несомнено се победија многу болести кои до тој момент беа фатални по животот на луѓето, а следствено на ова значајно се продолжи и животниот век.

Денес антибиотиците претставуваат една од најважните групи на лекови кои се употребуваат во борбата против бактериски инфекции во примарната здравствена заштита, во стоматолошките ординации, при хируршки лекувања на рани, како и при комплицираните болнички инфекции. Со тоа, во модерната медицина, антибиотикот го зазема местото на најчесто пропишуван и употребуван лек.

Меѓутоа, претераното воодушевување од ефектите на антибиотската терапија и некритичната употреба на истите доведува до нов, многу сериозен проблем – отпорност и неосетливост на микроорганизмите кон антибиотиците, кои следствено доведуваат до помала применливост, поголеми трошоци во лекувањето, како и до зголемена појава на алергиски реакции и несакани ефекти. Во продолжение следуваат неколку едноставни причини и правила зошто, кога и како да се употребуваат антибиотиците.

1. Антибиотикот нема никакви ефекти врз вируси

Погрешна е употребата на антибиотици при вирусни или габични инфекции. Лекот има способност да ги забави или уништи единствено бактериските соеви, но нема дејство врз вирусот и неговата ДНК/РНК. Пример, не помага при обична настинка која е од непознато потекло, а се јавува во зимските месеци кога е сезона на инфекции и настинки. Таа скоро секогаш е предизвикана од вируси, но неретко сме сведоци на ординирање антибиотска терапија која нема апсолутно никаков ефект врз подобрување на здравјето. Не секое покачување на телесната температура, назална конгестија, болно грло или главоболка е индикација за антибиотик.

2. Секогаш земете ја целосната доза пропишана од лекарот

Од најголема важност за успех на терапијата со антибиотици е доследното придржување кон пропишаната доза и времетрање на истата. Честопати пациентите се осмелуваат на своја рака да ја прекинат пропишаната антибиотска терапија со изговор дека се чувствуваат здраво и немаат дополнителна потреба од истата. Секако ова е голема заблуда и на овој начин им се дава одлична можност на бактериите, кои до тој момент се нецелосно уништени, да се регенерираат, да рецидивираат и да направат инфективен релапс (повторување), а притоа да стекнат отпорност кон користењето на истиот антибиотик. Отпорноста кон антибиотиците денес претставува сериозен и главен проблем.

3. Прекумерната употреба на антибиотици предизвикува несакани ефекти

Спротивно пак, од скратување на пропишаната терапија, е претераната и во големи дози употреба на еден или повеќе видови антибиотици кои често доведуваат до нус појави и негативни ефекти. Истите создаваат дополнителни проблеми кај пациентот. Најчесто негативно се одразуваат врз цревната флора и доведуваат до појава на дијареа. Чести се и промените на вагиналната флора кај жените кои доведуваат до претерано буење на габата Candida и предизвикување на вагинална инфекција – кандидијаза.

Она што можеби е позагрижувачки од ваквата примена на антибиотиците е се поголемата појава на алергиски реакции. Тие се најчесто минорни, во форма на: црвенило, чешање, висока температура и главоболка. Но некогаш се потешки па доведуваат до животозагрозувачка реакција на анафилактичен шок.

4. Антибиотик и алкохол – секако дека НЕ може

Многубројните испитувања и научни студии работени на оваа тема секако не им одат во прилог на оние пациенти кои примаат антибиотска терапија, а се љубители на „добрата“ чашка алкохол. При употреба на алкохол и антибиотик, поради „взаемен интерес“ на алкохолната компонента и активната компонента на антибиотикот доаѓа до поништување на лекот и до состојба на потполна негова неефикасност. Тоа секако доведува до релапс или егзацербација на болеста. Ова е случај со најупотребуваните антимикробни лекови кои денес се користат. Затоа совет е пациентот да се воздржи од користење на алкохол за време на терапијата со антибиотици.

5. Секогаш консултирајте лекар!

Одлуката за самолекување без совет од лекар е причина од која произлегуваат многу понатамошни проблеми. Воедно, ова е и најчеста грешка што ја прават пациентите. Колку и да изгледа прескрипцијата на антибиотикот лесна и едноставна, неправилната употреба на истиот може да донесе повеќе зло отколку добро кај пациентот. Многу е важно добро да се постави дијагноза, да се открие причинителот (секогаш кога е возможно), да се одреди степенот на сериозноста на болеста, да се познава самиот пациент (возраст, пол), како и неговата медицинска историја, се со цел за пропишување на вистинскиот антимикробен лек. Лекот треба да ги има најдобрите позитивни ефекти, а да ги минимизира негативните во спречувањето или лекувањето на одредена болест и сето тоа да е пропратено со оптимална цена и квалитет на истиот.

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Ѓорги Коњаноски е роден на 06.07.1984 во Битола. Денес живее во Охрид, каде што претходно завршува основно и средно образование. Во 2010 година дипломира на Медицинскиот Факултет при универзитетот “Св.Кирил и Методиј” во Скопје, стекнувајќи се со назив Дипломиран доктор по општа медицина. Учесник е на повеќе семинари и предавања од областа на медицината и активно ги следи новините во неа. Одлично говори англиски и српско-хрватски јазик а во слободното време ужива во долги прошетки по езерскиот брег. Конечно македонскиот веб етер доби вистинско освежување, иновативни содржини, можност за едукација, афирмација, како и обединување на медицинските лица. Сето ова е вкомпонирано во модерен дизајн, професионален техничко-уреднички тим полн со ентузијазам и современи идеи. Чест и задоволство е да се биде дел од тимот.